Државниот универзитет-Тетово незадоволен од резултатите на второто национално рангирање

Второто рангирање на високообразовните установи во Македонија, спроведено од шангајскиот универзитет „Џиао Тонг“, е тенденциозно, неосновано и неприфатливо за Државниот универзитет-Тетово, соопшти раководството на универзитетот кој на листата е рангиран на 9-то место од вкупно 20 институции.

Државниот универзитет-Тетово незадоволен од резултатите на второто национално рангирање

Причините поради кои сметаат дека неправедно се рангирани на средина од листата денеска на прес-конференција ги образложи проректорот за настава на ДУТ Фехри Рамадани.

– Наставно-научните потреби ДУТ ги покрива со 40 проценти од редовниот наставен кадар, а остатокот е пополнет со професори што доаѓаат од други универзитети во регионот, како и од најдобрите европски универзитети, за што се инвестира од сопствениот буџет. Од друга страна, во другите јавни универзитети редовно вработениот наставен кадар надминува 95 отсто. Нашите професори во текот на изминатата година објавиле над 1.500 научни трудови во меѓународни списанија, а биле дел од голем број соработки на научни и образовни проекти на универзитети од повеќе земји, рече Рамадани.

Според него, дел од универзитетите кои се подобро рангирани од ДУТ имаат помалку студенти, значителен недостиг на наставен кадар, некои и немаат менаџерски тим и не одржуваат научни конференции.

Нагласи дека за подобрување на инфраструктурата на Универзитетот во последните години се вложени околу 15 милиони евра, а бројот на дипломирани во една академска година е во согласнот со стандардите за менаџирање на квалитетот.

– Тоа значи дека не секој запишан студент и дипломира, а паралелно значителен број на дипломираните успеваат да се вработат за многу кратко време по дипломирањето, изјави Рамадани. Рангирањето го смета за неправда кон ДУТ, но и покрај тоа, како што рече, раководството, професорите и студентите нема да се обесхрабрат и овие резултати ќе ги поттикнат да работат поупорно и со поголема посветеност.

Според резултатите од второто национално рангирање, ДУТ е на последно место од петте државни универзитети, а 9-ти на листата на сите 20 високообразовни институции акредитирани во Македонија.