Државниот студентски центар демантира дека паднал лифт во студентскиот дом Гоце Делчев

Државниот Студентски Центар – Скопје ја демантира веста во која беше објавено дека во студентскиот дом Гоце Делчев студент бил во лифт кој паѓал од осмиот спрат, но потоа бил спасен од сигурносна сајла.

Државниот студентски центар демантира дека паднал лифт во студентскиот дом Гоце Делчев

„Должни сме да информираме дека таков инцидент не се случил, ниту пак, бил пријавен од било кој од студентите сместени во домот, коишто секојдневно го користат лифтот“, се вели во демантот од раководството на ДСЦ испратен до медиумите.

Радио МОФ го контактираше и Министерството за внатрешни работи од каде велат дека немаат никаква информација дека вакво нешто се случило. Слична реакција имаа и студентите кои ги контактиравме кои живеат во студентскиот дом, кои иако нагласуваат дека условите во „Гоце Делчев“ се далеку од пристојни, сепак велат дека не чуле ништо за наводниот инцидент со лифтот.

Интернет порталот maktel.mk, неодамна објави напис со наслов “ЕКСКЛУЗИВНО: Пак се откачи лифт во , студент летал со се лифтот од 8-ми спрат, го спасила сигурносна сајла!“.

Иако веста беше објавена пред една седмица, денеска повторно почна да се шири на социјалните мрежи. Стравот кај студентите е оправдан бидејќи во 2011-та година навистина падна лифт од првиот кат во Студентскиот дом „Гоце Делчев“. За среќа во домот немаше студенти, а вработените биле во своите работни простории.

Лани во студентскиот дом „Гоце Делчев“ се случија и два пожари по кои собите беа во очајна состојба, а неколку студенти во нив изгубија се што имаа.

Радио МОФ во повеќе наврати известуваше за проблемите со лифтовите во овој студентски дом но и за другите маки на станарите кои немаат греење, имаат проблеми со храната, а интернет во домот имаат само привилегираните.

К.О.