Државни пари и екскурзии за жители на Вашингтон кои ќе избегнуваат учество во криминал

Пред неколку недели, во Вашингтон е предложен закон за нов проект на локалните власти, со кој ќе им се дава парична и друга помош на луѓето кои ќе избегнуваат да учествуваат во криминал.

Властите би отвориле посебна канцеларија, која би ги идентификувала луѓето кај кои „има висок ризик од учествување во насилна криминална активност“. Тие граѓани потоа ќе мораат да поминат низ посебна програма за „животно планирање“, менторство и терапија за трауми, по што, ако не учествуваат во криминални активности одредено време, ќе бидат наградени со суми до 9.000 долари. Сличен проект веќе функционира во калифорнискиот град Ричмонд, каде ова резултирало со драстичен пад во бројот на инциденти со огнено оружје од 2010 година досега.

Во случајот на Вашингтон, во првата фаза се предвидени 50 „високо ризични“ граѓани, кои покрај парите, ќе добиваат и бесплатни екскурзии низ САД, но и во светот, на места како Лондон, Париз или Јужноафриканската Република. Проектот веќе ја поминал првата фаза во легислативата, а конечното гласање ќе биде на 1 март.

Според главниот финансиски управник на Вашингтон, градот во сегашната состојба нема доволно пари за да ги покрие трошоците на овој проект, кои според проценките ќе изнесуваат 25.6 милиони долари за четири години. Токму затоа, предлагачите го ставаат фокусот врз донациите, кои се главен и единствен извор на финансирање на успешниот пример-проект во Ричмонд, Калифорнија.