Државната матура и годинава ќе се полага како лани – ќе има јавна дебата за новиот Концепт

Околу 15 800 средношколци досега се пријавиле за полагање на државната матура. И оваа година ќе се полага како минатата. Тоа значи, матурантите ќе полагаат два екстерни и два интерни предмети, како и една проектна задача.

Според Календарот за организација на учебната 2021-2022 година, на 4 јуни матурантите ќе полагаат тест по мајчин јазик (македонски, албански или турски јазик и литература), а на 13 јуни е закажан тестот по математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија или естетика.

„Проширување ќе има само на листата со интерни предмети за учениците од средното стручно образование поради тоа што годинава се воведени нови образовни профили и за оваа цел, државниот матурски одбор веќе одржа состанок и направени се соодветни измени“, велат од Министерството за образование и наука (МОН) за Радио МОФ.

Во меѓувреме, Државниот испитен центар (ДИЦ) кој е надлежен за спроведување на државната матура, заедно со МОН преку јавна дебата ќе креираат нова Концепција за државна матура која треба да предвиди три вида на државна матура, зависно од видот на образование – гимназиско, стручно и уметничко.

„Претставници од средношколците беа вклучени во изработка на Предлог-Концепцијата. Државниот испитен центар е во постојана комуникација со Сојузот на средношколци по основ на ова прашање“, велат од ДИЦ.

Од МОН очекуваат овој процес да почне по стабилизација на состојбата со КОВИД-19. Уверуваат дека ќе биде транспарентен и дека јавноста навремено ќе биде информирана за сите активности.

Од Сојузот на средношколци, пак, најавуваат нови барања. Тие ќе предложат до своето Генерално собрание, договорот за државната матура кој беше постигнат пред две години за минатата и оваа генерација, да продолжи сè до учебната 2024/2025 година.

„Ова значи дека сите генерации чиешто средно образование било засегнато од пандемијата би полагале ваква модифицирана државна матура“, велат од Сојузот за Радио МОФ.

Доколку Генералното собрание на Сојузот го одобри овој предлог, тие ќе отпочнат преговори и со надлежните.

Во однос на најавите за новата Концепција за државна матура, од Сојузот потврдуваат дека биле дел од стручниот тим којшто ја подготвуваше.

„Новата Концепција нуди нова визија за изгледот на државната матура, која би била поквалитетна и повеќе вреднувана. Самата подготовка на документот е во завршна фаза“, велат од Сојузот на средношколци.

МОФ: Приоритет да бидат мислењата на средношколците и на наставниот кадар

Од Младинскиот образовен форум ја препознаваат матурата како потребна за државните институции да имаат увид какво знаење стекнуваат средношколците по завршување на еден образовен циклус. Годишни државни испити се пракса и во други, поразвиени држави, велат тие. Според нив, матурата игра и улога во спречување на неетички и/или незаконски пракси во училиштата при оценување. Но, забележуваат и дека моменталниот концепт на матура треба да се доработи, бидејќи како што велат, има видни недостатоци.

„Понатаму, важно е да се провери знаењето на учениците, но тежината на добиените оценки во целокупниот просек треба да се намали. Имено, една добиена четворка на матура тежи колку 10 добиени четворки низ сите четири години. Тоа претставува голем стрес за средношколците и потфрлање на испитите ги чини многу во однос на просекот“, сметаат од МОФ.

Од младинската организација истакнуваат дека квалитетот е поважен од квантитетот. Оценуваат дека македонските образовни институции претендираат да формираат обилни наставни програми што не секогаш се корисни за учениците и студентите во целост.

„Идејата за два наместо три испитни предмети би дозволила ученикот да посвети повеќе внимание и да доживее помал стрес при подготовка на испитите. Концептот на поминување на целиот материјал што се предавал низ целата учебна година е само по себе голем предизвик за учениците во средно образование. Скратена испитна програма е дополнителен добар чекор што би го зголемил фокусот, ефективноста, но и волјата на средношколците да учат за матура. Причина за потфрлање на матурските испити некогаш е и предвремен стрес и скептицизам дека не може да се помине толкав материјал. Тоа е и рационален страв, со оглед на тоа што средношколците го поминуваат целиот образовен процес со полугодишни тестови или тестови на секое тромесечје. Тестови што го покриваат целиот материјал од прва до последната година не е пракса, и треба да се има разбирање за овој факт при креирање на испитна програма за матура“, сметаат од МОФ.

Оттаму потсетуваат дека онлајн наставата сериозно влијаела врз квалитетот на образовниот процес и голем дел од наставниците, учениците и нивните родители сметаат дека нивото на квалитетот на наставата е опаднат и знаењето на учениците е намалено.

За одлуките што ќе се носат во однос на државната матура, од МОФ порачуваат приоритет да бидат мислењата, ставовите и предлозите на средношколците и на наставниот кадар.

„Тие се најдобро запознаени со материјалот и наставните програми. Важно е да се земат предвид разликите помеѓу средните училишта според тоа дали се стручни училишта или општи гимназии. Носење на одлуки со претпоставка дека средните училишта се во суштина исти е нецелосен и неодговорен пристап. Мислењето на образовни експерти за тоа кој тип на знаење е објективно клучно и задолжително што треба да го има совладано секој ученик при завршување на средното образование е исто така од голема важност. Претставници на учениците, како претседатели на класови и генерации, треба да бидат дел од работните групи организирани од Министерството за образование и наука за оваа потреба и да присуствуваат на состаноци во кои се носат одлуки што најмногу ги тангираат средношколците“, сметаат од МОФ.

Сепак, поради ситуацијата предизвикана од пандемијата, од младинската организација посочуваат дека мора да се гарантираат здравјето и безбедноста на сите лица кои ќе бидат вклучени во спроведувањето на државната матура и да се обезбедат соодветни услови за нејзино квалитетно и целосно планирање и реализирање.

Државната матура во земјава се спроведува од 2007 година Но, поради пандемијата со КОВИД-19, во учебната 2019/2020 година за првпат не беше организирана. Минатата година, матурантите бараа да им се олеснат условите при полагање, па по бројни преговори со надлежните и протести, беше постигнат договор за бројот на екстерни испити да се намали од три на два, а третиот екстерен стана интерен испит.

Емилија Петреска