Државна матура – средношколците денеска полагаа мајчин јазик

Прашања во кои се бара еден, а има понудено два точни одговори, но и двосмислени прашања кои бараат голема внимателност при решавање, се проблеми при полагањето државна матура на кои денеска упатија матуранти од скопската гимназија „Раде Јовчевски – Корчагин“. Тие велат дека покрај овие мали недостатоци, полагањето поминало без проблем, како и дека поголемиот дел од прашањата биле очекувани.

Оваа учебна година за полагање на државна матура се пријавиле вкупно 17 643 ученици, кои денеска го полагаа првиот екстерен предмет, македонски јазик.

„Немаше проблеми, иако имаше двосмислени прашања и некаде се бараше еден одговор, а и двата беа точни. Прашањата беа очекувани, но не е проблем во програмата, туку во тоа што имаме само два прирачници по македонски јазик што не ги содржат сите информации“, вели матурантка од „Раде Јовчевски-Корчагин“.

Државната матура беше една од горливите теми оваа година што предизвика голем револт кај средношколците. Според новиот концепт кој подоцна беше повлечен, математиката требаше да биде задолжителен предмет на матурата на што учениците остро се спротивставија со неколку маршеви во повеќе градови, петнеделен бојкот на настава и поставување камп пред Министерството за образование и наука.

По силниот притисок и неколку средби со средношколците, МОН годинава го врати стариот концепт на полагање државна матура, со најава дека од септември ќе се формираат работни групи кои ќе работат на подобрување на нејзиниот квалитет.

„И покрај последните измени во Законот, во однос на концептот на државна матура, сакам да ви пренесам дека Државниот испитен центар заедно со сите надворешни и внатрешни соработници, вложија вонредни напори да бидеме готови и да се реализира навреме државната матура“, изјави директорката на Државниот испитен центар, Мируше Амети при денешната посета на СМУГС „Др. Панче Караѓозов“- Скопје.

На 15 јуни пак, во сите средни училишта во Република Македонија ќе се полага странски јазик. Како и секоја година и оваа најмногу матуранти имаат избрано да полагаат англиски јазик и тоа 16336. Бројот на кандидати кои се пријавиле да ги полагаат останатите предмети е многу помал. Француски јазик ќе полагаат 134 кандидати, германски јазик 178, а руски јазик 47 кандидати.

На 17 јуни математика ќе полагаат 2626 кандидати, додека на 19 јуни ќе се полагаат интерните предмети физика, хемија, биологија, бизнис, историја, филозофија и естетика.

Во процесот на реализација на матурата во училиштата се ангажирани 2117 наставници како тестатори и околу 200 набљудувачи претставници од институциите надлежни за образованието во Република Македонија.