Државите од Западен Балкан потпишаа договор за намалување на цените на роамингот

Ресорните министри задолжени за дигитализација од земјите од Западен Балкан денеска на Дигиталниот Самит во Белград, Србија, го потпишаа регионалниот Договор за намалување на цените во роаминг.

Од Министерството за информатичко општество и администрација информираат дека на овој начин Заклучоците од Дигиталниот Самит во Скопје континуирано се реализираат. Потписниците на Договорот се согласни дека е неопходно дополнително да се намалат цените за роаминг услугите за целосно покривање на сите крајни корисници во регионот на Западен Балкан.

Тоа значи дека максималните малопродажни надоместоци за роаминг услугите во регионот на Западен Балкан ќе бидат доведени до нивото на цени во согласност со правилото „како дома“, односно соодветно на правилата за „роаминг како дома“, кои се применуваат во Европската унија, не подоцна од 1 јули 2021 година. Државите се обврзаа да ги преземат сите потребни подготвителни чекори.

Со Договорот се предвидува да се воведе преоден режим за роаминг услугите почнувајќи од 1 јули 2019 година.

За Република Северна Македонија Договорот го потпиша министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.