Државен завод за статистика: Речиси половина од младите се невработени

Според податоците на Државниот завод за статистика, во третото тримесечје од 2016 година активното население во Република Македонија брои 949 944 лица од кои вработени се 727 985, а 221 959 лица се невработени, односно, стапката на вработеност е 43,4 отсто , додека стапката на невработеност изнесува 23,4 отсто.

Овие бројки, споредени со ланските, покажуваат благо намалување на невработеноста, односно таа е намалена за 2,1 отсто.

Најголем процент на невработеност има кај младото население од 14-24 години, или поточно, од вкупно 273 461 млади луѓе, 48 159 се вработени, додека 41 685 лица немаат работно место, а со неактивен однос се вкупно 183 617 лица. Ова значи дека речиси половина од младите во државата се невработени.

Но, податоците на Заводот за статистика покажуваат и дека во континуитет се намалува младото население. Па така, во рок од само една година, младото население се намалило за повеќе од 6 000 лица, односно, во 2015 година, младото население изразено во бројки изнесувало 280 901 луѓе.

Покрај ова, невработеноста кај лицата на возраст од 25 до 49 години, изнесува 23, 1 отсто, а на оние на возраст од 50 до 64 години 16,1 отсто.

Најголем дел од вработените се во преработувачката индустрија, во земјоделството и во трговијата со 105.201 лице, но наспроти ова, најмногу неплатени семејни работници има во земјодлеството вкупно 45 050 лица и во трговијата 2 228 лица.

Според образованието, најголема е стапката на невработени со четиригодишно средно образование 99 954 лица и со високо образование 39 237 лица како и кај оние со основно образовани вкупно 46 831 лица.

Од вкупниот број невработени 61,7 отсто се мажи, а 38,3 отсто жени.