Државен студентски дом: Лифтот во Гоце не работи три дена, а не месец

Државниот студентски дом – Скопје откако медиумите објавија дека цел месец не работи еден од лифтовите во студентскиот дом “Гоце Делчев“, испрати реакција во која се вели дека дефектот на лифтот во блок В е настанат пред 3 дена, а не пред 30, како што се наведува во медиумите.

„Во тек е замена на потрошните материјали, односно резервни делови, така што истиот ќе биде ставен во функција во најкус можен рок. Истовремено, потсетуваме дека во тек е процес на етапна реконструкција на студентскиот дом “Гоце Делчев“, која започна со темелна обнова на блокот Б, по што ќе бидат опфатени и сите останати објекти, вклучувајќи и замена на лифтовите во нив. Во таа насока апелираме на трпеливост, со оглед на тоа што се работи за капитална и подолгорочна активност.

По однос на недостигот на храна, исто така, известуваме дека се работи за шпекулација, имајќи во предвид дека дистрибутерите на храна во домот редовно и навремено ги извршуваат договорените услуги“, се вели во реакцијата од студентскиот центар.

Како што претходно објавивме, студентите сместени во домот, се жалат дека повеќе од еден месец се принудени да одат пеш, бидејќи лифтовите во блоковите В и Г не работат.