Државен студентски центар: Намерно е срушен покривот во студентскиот дом „Гоце Делчев“

Државниот студентски центар соопшти дека веднаш е интервенирано и извршена е санација на срушениот покрив во еден од ходниците на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје. Од Центарот велат дека имало индиции дека е намерно предизвикана штетата, односно дека се работи за свесно и намерно уништување на инвентарот.

„По однос на информациите објавени во медиумите, кои се однесуваат на студентскиот дом “Гоце Делчев“, Државниот студентски дом – Скопје информира дека веднаш е интервенирано и извршена е санација на настанатата состојба, за којашто има индиции дека е намерно предизвикана, односно се работи за свесно и намерно уништување на инвентарот.

Дополнително би сакале да информираме дека поради дотраеноста на студентскиот дом “Гоце Делчев“, изграден пред повеќе од 4 децении, а во насока на унапредување на студентскиот стандард и капацитетите за сместување на студентите, започна процесот на темелна реконструкција на сите објектите во состав на овој дом, со средства обезбедени од страна на Владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука.

Реконструкцијата се реализира етапно, во неколку фази и согласно предвидената динамика во акцискиот план. Првата фаза, која подразбира темелна реконструкција на блокот Б од аспект на градежните активности е целосно завршена, а во меѓувреме во тек е и набавката на опрема. Овој објект во текот на месец ноември ќе биде пуштен во употреба. Потоа ќе следи реконструкција и на другите блокови, мензата и партерот, за што веќе е избрана фирма која ќе ги изработи проектните решенија. Целосната реконструкција се очекува да биде завршена во текот на 2017 година“, стои во соопштението испратено од Државниот студентски центар.

Утрово на социјалните мрежи кружеа фотографии од срушен дел на покрив во еден од ходниците на студентскиот дом, што предизвика бурни реакции за лошата состојба во која се наоѓаат студентите сместени овде.

Реагираше и Студентскиот пленум велејќи дека овој пат немало повредени, но и прашувајќи дали наредниот пат нивните колеги ќе ја имаат истата среќа.