Државен испитен центар: Полагањето државна матура мина без проблеми

Матурантите денеска го полагаа екстерниот испит по математика како дел од државната матура во сите средни училишта во зеемјава. Полагањето, како што соопштија од Државниот  испитен центар поминало без проблеми.

„Испитот во целата држава течеше согласно сите пропишани правила и процедури без никакви проблеми. При спроведувањето на тестирањето беа вклучени членовите на училишните матурски комисии, како и околу 270 обучени тестатори-наставници од основните и средните училишта. Испитот го следеа над 50 овластени набљудувачи, вработени во Државниот испитен центар, Бирото за развој на образованието, Министерството за образование и наука и Центарот за стручно образование и обука“, се наведува во соопштението на ДИЦ.

Испитот го полагаа учениците од гимназиското, уметничкото и средното стручно образование, кои завршиле четврта година. За полагање на испитот биле пријавени 2335 кандидати.

Полагањето на државната матура започна на 4 јуни, со испитот по мајчин јазик. Во процесот на реализација на матурата во училиштата биле ангажирани околу 1.400 наставници – тестатори и 200 набљудувачи.

За оваа година пријавени за полагање државна матура беа 16.859 ученици, од кои 8.729 од гимназиско образование, 7.866 од средно стручно образование и 264 од средно уметничко образование.