Државата, новинарите и невладиниот сектор се вмрежија против говорот на омраза во медиумите

Три министерства, институции од македонското правосудство, регулаторни тела, здруженија и институти од областа на новинарството и медиумите и повеќе граѓански организации се дел од новата Мрежа за борба против говор на омраза во медиумите чие формирање денеска беше презентирано во ЕУ Инфо центарот во Скопје.

Иницијатор на Мрежата е Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), а претседателката на Управниот одбор на Советот, Катерина Синадиновска, истакна дека обединувањето на сите алки од државниот систем, како и од граѓанскиот и медиумскиот сектор е особено значајно.

„Ова е комплексен процес на растење на општеството и култивизација на јавниот дискурс и, токму затоа, неодговорно е да се очекува дека само преку ангажман на медиумите и новинарските здруженија ќе може да дојде до сериозни проблеми. Еднакво одговорни се и властите и органите на системот кои што, и тоа како, имаат надлежности, имајќи го предвид Кривичниот законик“, рече Синадиновска.

Клеменс Која, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, кои го поддржаа процесот на формирање на Мрежата, изрази убеденост дека формирањето на Мрежата ќе има влијание врз јавното мислење и ќе го спречува говорот на омраза во медиумите.

Претседателот на Комисијата за жалби при СЕММ, Мирче Адамчевски информираше дека во периодот од 2014 до 2017 година евидентирани се 49 случаи на говор на омраза во медиумите, кои претставуваат речиси 30 проценти од сите добиени претставки за нарушување на етиката во медиумите во тие три години.

„Во 2017 година тој процент е намален, што јас го толкувам со промените во општеството, што покажува колку политиката влијаела и влијае врз говорот на омраза. Податоците за 2018 година ја урнаа надежта за намалување на бројот на претставки за говор на омраза во медиумите. Новите политички и квази политички битки се одразија врз состојбите во медиумите. Па така, за минатата година забележуваме 23.8 проценти случаи на говор на омраза“, вели Адамчевски.

На денешниот настан беше претставена и Декларација против говор на омраза во медиумите, со чие потпишување се означи почетокот на функционирање на Мрежата. Кон Мрежата за борба против говор на омраза во медиумите пристапија:

  •  Министерство за внатрешни работи на Република Македонија – МВР
  •  Министерство за информатичко општество и администрација – МИОА
  •  Кабинет на министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност
  •  Народен правобранител на Република Македонија
  •  Академија за судии и јавни обвинители
  •  Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги – АВМУ
  •  Здружение на новинари на Македонија – ЗНМ
  •  Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници – ССНМ
  •  Институт за комуникациски студии – ИКС
  •  Македонски институт за медиуми – МИМ
  •  Центар за развој на медиуми – ЦРМ
  •  Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија
  •  Коалиција Маргини
  •  Фондација Метаморфозис
  •  Институтот за истражување на општествениот развој – РЕСИС
  •  Центар за интеркултурен дијалог – ЦИД

Иницијативата за формирање на Мрежата е поддржана и од Јавното обвинителство на Република Македонија.

Процесот за пристапување кон иницијативата е отворен за сите заинтересирани организации, здруженија, институции и медиуми.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.