Државата наплатила 10% данок од донациите за поплавените

По 1420 денари од секое семејство повлекла македонската Влада како данок од донациите на граѓаните за настраданите од поплавите во скопскиот регион, кои Црвениот крст почна да ги префрла на сметките на поплавените.

Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити за ТВ21 изјавил дека на овој начин Владата повлекла околу 5 милиони денари од 3.515 семејства. Од организацијата соопштуваат дека секое семејство добило по нешто повеќе од 13 илјади денари помош. Саити додал дека резерви од донациите има за уште околу 300 семејства кои можат да се пријават следните денови.

Телевизијата информираше дека дел од граѓаните во поплавените места се жалеле дека сè уште не добиле никакви средства од Црвениот крст.