Државата Македонија не научи што е тоа волонтерство

Она што најголем дел од институциите го нарекуваат или сакаат да го прикажат како волонтирање се коси со сите принципи на волонтерството, пишува Марјан Забрчанец од Младинскиот образовен форум во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Државата Македонија не научи што е тоа волонтерство

Државата Македонија ги помеша дефинициите, намерите и вредностите на волонтерството. Наместо да се потпреме на искуствата и традициите на волонтирање од САД или на оние од поранешна СФРЈ, ние, поточно, тие, институциите, ја извулгаризираа оваа општествено корисна работа и ја претворија во алатка за лажно намалување на невработеноста и во механизам за давање лажна надеж на младите за вработување.

Волонтирањето во која било форма може да биде служење на општеството, помагање на оние на кои тоа им е потребно или оддолжување кон заедниците и средините од кои некогаш нешто сме добиле. Волонтирањето не треба да се перцепира само како учество во организирање хуманитарни акции, туку многу пошироко од тоа. Волонтерството подразбира да одвоиш дел од своето слободно време за да се здружиш со соседите и да го подобриш своето маало, да се вклучиш во локална акција во својата општина, но и да донираш дел од своето време, искуство и знаење за да одбраниш некое право на некоја индивидуа или група граѓани или, пак, да се бориш за извесна општествена кауза.

Уште помалку, волонтерството не смее да се користи како мамка од страна на институциите кон младите и како лажна шанса за нивно идно вработување.

Она што најголем дел од институциите го нарекуваат или сакаат да го прикажат како волонтирање се коси со сите принципи на волонтерството, а тоа се регрутација (привлекување на волонтерите), задржување (мотивирање на волонтерите да останат волонтери во вашата организација) и признавање (оддавање почит и признание кон волонтерите за работата со која помогнале на заедницата). За жал, најголем дел од институциите кои ангажираат волонтери ги кршат сите три клучни принципи на волонтерството. Ниту регрутираат, ниту привлекуваат волонтери. Напротив, стана ужасно тешко да станеш волонтер во некоја институција, треба да те има на список, да си партиско-политички подобен, еднакво тешко како при вработување. Мотивацијата да се остане волонтер не постои, односно е лажна. Институциите едвај обезбедуваат столче за волонтерите, никој не се грижи за мониторинг на нивните дневни задачи, за нивно менторство, насочување и тренинг. Надежта дека еден ден, можеби, таа институција ќе го вработи волонтерот стана единствената мотивација. Наместо благодарам и признанија, волонтерите во македонските институции добиваат 8-часовно работно време, спротивно на Законот за волонтерство според кој еден волонтер не смее да работи повеќе од 6 часа дневно.

Во недостаток од визија за развој на волонтерство кое е вредно за заедниците, државата Македонија донесе закон и стратегија за волонтерство со кои ги мотивира граѓаните да волонтираат во институции, наместо да волонтираат и да помагаат во средините каде тоа е најнеопходно. Институциите треба да бидат линк меѓу потребите на локалните заедници од една страна и јадрата (најчесто невладините организации) каде се здружуваат луѓето кои сакаат да волонтираат, од друга страна.

Пример за ефективно менаџирање волонтери се состојбите околу поплавите во Србија и Босна. Таму бевме сведоци на класичен начин на интегриран концепт на волонтерство при кое државните институции ги утврдуваат потребите на локалните заедници, граѓанските организации (во најголема мера Црвениот крст) мобилизираат помош од граѓаните и преку меѓусебна соработка помошта од волонтерите на најефективен начин стигнува до оние на кои им е потребна. Тоа во никој случај не може да се реализира ако граѓаните најпрво добиваат статус на волонтер во одредена институција, па дури после тоа ја пренасочуваат својата општествено-корисна работа кон потребите на заедниците. Тоа е невозможно, зашто институциите се организациони единици форматирани за одреден број вработени, а не за менаџирање волонтери.

Сите овие погрешни политики врзани за волонтерството ги доведоа младите во ситуација срамежливо да кажуваат дека волонтираат во некоја институција, зашто тоа е несоодветна замена за толку посакуваното вработување, наместо гласно и гордо да се пофалат дека тие волонтираат зашто помагаат на својата заедница, своето маало, својата кауза.

Единствено мал број граѓански организации го разбраа концептот на волонтерство и речиси во невозможни услови се трудат да ги промовираат вистинските вредности на оваа општествено корисна работа. Тие малку организации знаат дека волонтер не смее да се одбие, дека не постојат подобни и неподобни волонтери, исто како што знаат и објаснуваат дека волонтерството не е платена, но не е ни бесплатна работа. Точно, волонтерот не добива надомест за својот ангажман, односно не е платен за својата општествено-корисна работа. Но, ангажманот на волонтерот не е бесплатен, односно постојат трошоци околу тој ангажман кои се покриваат на различни начини. Ангажманот подразбира трошоци за превоз, храна, комуникации, канцеларија, трошоци за реализација на одредена активност. Трошоците околу извесна волонтерска акција постојат, тие не се мали, се покриваат од различни места (најчесто преку донации), единствено трошокот околу финансискиот надомест (хонорарот) за волонтерот е изоставен. Проценките велат дека она што не се плаќа при волонтирањето (финансискиот надомест) изнесува до 30 отсто од вкупните трошоци поврзани со ангажманот на еден волонтер.

За крај, останува само да се упати апел до граѓаните на Македонија, особено до младите. Волонтирањето да не се перцепира како вработување, туку како реализација на поривот да се помогне некому. Доколку немаме порив да помагаме, тогаш не треба да волонтираме. Придобивките од волонтирањето се пред сè за другите, а секундарно за нас како волонтери, изразени преку стекнато искуство, исполнетост со чувство на учество во акција која помага и надеж дека помошта која сме ја дале еден ден ќе ни се врати. Сè друго што е различно од овие вредност на волонтирањето е манипулација со чувствата, надежта и социјалната позиција на граѓаните во едно општество.

Извор: РСЕ