Државата ќе издвои буџет и вакцината за Ковид-19 ќе биде бесплатна, вели Филипче

Ние се уште не знаеме која ќе биде цената за вакцината, но дефинитивно државата ќе издвои буџет и вакцинирањето ќе биде бесплатно. Имаме два механизми во овој момент за набавка. Едниот е Ковакс механизмот, преку СЗО и Алијансата за имунизација, вели министерот за здравство Венко Филипче во интервју за Слободен печат.

„Потпишавме писмо на намери и овој механизам им овозможува на земјите рамноправно да им бидат распределени вакцините според бројот на населението тогаш кога ќе излезат на пазарот, од секој последователен производител. Земјите-членки на ЕУ потпишаа билатерални договори со компанијата која работи на оксфордската вакцина ‘Астра зенека‘. Добивме понуда Полска да набави соодветна количина и за нас, заради тоа што нема да имаме можност за билатерален договор. Дефинитивно, со два механизми обезбедуваме дека вакцината ќе биде достапна и за нашите граѓани, бесплатно. Вакцината од Оксфорд во земјава ќе стигне преку партнерство и соработка со Полска и ќе биде бесплатна“, истакнува Филипче.

Според него,  свеста за значењето на вакцините е подигната, особено по минатогодишната епидемија со морбили и се надева дека апсолутно нема да има отпор за ванкцинирање како што имало во минатото, зашто, како што вели, болеста е тука, свесни сме и за нејзината тешка форма кај некои пациенти и нема да има отпор кај граѓаните тогаш кога вакцината ќе биде достапна.