Државата им вели „снајди се па живеј“ на малолетните зависници од дроги

Во Македонија постои комплетно отсуство од специјално дизајнирана програма за малолетни лица за зависности од дроги. Младите зависници кои имаат помалку од 18 години наместо да бидат вклучени во специјални програми за лечење и ресоцијализација, во моментот се оставени да се снаоѓаат и преживуваат, пишува онлајн магазинот Инбокс7.

Државата им вели „снајди се па живеј“ на малолетните зависници од дроги

Дваесетгодишниот Кире од населбата Козле е среќен што е жив. Иако како зависник од хероин поминал низ пеколот и продал речиси се што поседува, вели дека тоа што денес е тука да говори за проблемите за него е вистинско чудо.

„Започнав на 15 години, најпрво користев други дроги како кокаин и екстази, а потоа прејдов на хероин, иако тоа не е предуслов за да се започне со хероин. Сакав да пробам од што сум слушал дека е дрога која ти дава незаменливо чувство…Не се опишува чувството, но што повеќе се навлекуваш толку повеќе те утепува. Набргу почнав од сегде да барам хероин и да се движам во тие кругови…некогаш имав јас, некогаш некој друг друг, но мораше да се дојде до дрога, нема бегање“, раскажува младиот Кире.

Вели дека воопшто не му паѓало на памет да се откаже од користење дрога, се додека не почнале да секнуваат и последните пари кои ги имал.

„Во моментите кога немав пари започнав да ги давам личните предмети на лихвар или пак продадов од дома работи како лаптопот, саатот домашното злато. Кога во крајни моменти немаш ни денар веќе и кога сите извори се пресушени, тогаш се роди желбата да се откажам па започнав со метадон. Не можев да го купам легално зашто бев малолетен па го купував илегално од Тетово и од Гостивар и секогаш се пазев да не користиме иста игла со другите“, додава тој.

Иако откажувањето било многу тешко, со болки по целото тело, неспиење и невидени кошмари и препотувања, сепак тој се соочил со процесот.

„Не ти се јаде, неможеш ни да спиеш, ништо не те интересира сакаш само да бидеш сам без никој. Јас имав среќа што имав кој да ме поддржи, имав луѓе околу мене со многу инает кои ми ги сменија погледите за убавините на животот. На крајот се преселив шест месеци на село и се изолирав, по што некако се извлеков“, завршува Кире.

Сепак не сите имаат толку среќа како овој млад човек. Некои од младите зависници немаат семејства кои ќе ги поддржат во процесот на лекување или пак потекнуваат од дисфункционални семејства во кои некои од родителите и самите се зависници од дроги. За нив државата засега нема решение.

Во Македонија постои комплетно отсуство од специјално дизајнирана програма за малолетни лица за зависности од дроги. Младите зависници кои имаат помалку од 18 години наместо да бидат вклучени во специјални програми за лечење и ресоцијализација, во моментот се оставени да се снаоѓаат и преживуваат.

Од граѓанскиот сектор вели дека тоа што државата нема програми за третман на млади зависници е голем проблем. Регистрираните лекови за лечење од зависности како метадон и бупренорфин, може да се земаат од 16 години, но и покрај тоа во последните три години немаат третирано ниту едно младо лице под 18 години со овие два лека. Младите сега повремено се третираат во веќе постоечки институциии, најчесто тоа е Клиниката за неуропсихијатрија, во посебниот оддел за деца и адолесценти, меѓутоа специјализирана програма за третман на млади под 18 години, не постои.

Нема ниту протокол за медицински третман на малолетници и иако според извори во граѓанскиот сектор неодамна е формирана работна група за да го напише овој протокол, тој се уште не е објавен.

Влатко Деков од невладината ХОПС – Опции за здрав живот вели дека само според податоците во однос на бројот на предозирање со опијати, во главно со хероин, од 2001 до 2005 година од вкупно 1436 интервенции при предозирање, 606 или 42,2% се интервенции кај деца, односно на возраст помала од 18 години околу 606 интервенции имало кај малолетни корисници кои се предозирале.

„Кога веќе имаме податоци дека постои таква популација, треба да се понуди третман а ние тоа го немаме. Ова е голем проблем бидејќи освен што не постои медицински третман, не постојат ниту програми за ресоцијализација ниту рехабилитација. Кога станува збор за деца, тоа е клучната работа. Ако имаме само медицинска програма, може и до негде да даде резултат, меѓутоа кај голем број од децата, особено децата на улица кои потекнуваат од сиромашни или нефункционални семејства, ние нема да го решиме проблемот само со тоа што ќе му дадеме лек. Треба и другите проблеми да се решаваат зашто кога детето ќе се врати во истата средина тоа повторно ќе почне да употребува дроги”, вели Деков.

Според информациите на ХОПС, малолетните зависници во моментот функционираат буквално според премисата „снајди се, па живеј“. Доколку малолетникот потекнува од семејство кое е пофункционално или пак има повеќе финансиски средства, се снаоѓаат. Проблемот станува многу поголем кај децата кои потекнуваат од семејства кои се посиромашни, или пак оние кои немаат семејства а треба да се лекуваат.

Прочитајте го целиот текст на онлајн магазинот Инбокс7 на следниот линк.