Државата да ги подготвува младите при нивното преминување од клупа, на првото работно место

Младите не знаат што ги чека по образованието, тие не ја познаваат индустријата во која би се вработиле, не ја познаваат доволно својата професија и платата што би ја примале, односно, младите не се подготвени да работат откако ќе ги напуштат клупите. Тоа, пак, води кон нереални очекувања и разочарувања.

Според новото истражување на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, младите не веруваат дека им се исплати трудот во својата држава. Мирјана Борота Поповска, директорка на Институтот, смета дека најголемо разочарување на младите е непрофесионализмот со кој се среќаваат при барање на работа, најчесто поради постоењето на непотизмот. Токму ова тие чувствуваат потреба да бидат дел од некоја политичка партија, мислејќи дека така побрзо ќе добијат работно место.

„Поделени се ставовите во однос на квалитетот на образованиот систем. Критиките претежно се однесуваат на малата застапеност на практична работа за тоа што го учат“, посочи Борота Поповска.

Марија Топузивска Латковиќ, раководителка на проектот, вели дека дел од младите се спремни да започнат со сопствен бизнис, но за тоа им требаат финансии и поддршка. Таа смета дека ако државата вложи во младите, тие би дале сè од себе.

Истражувањето покажало дека 80 отсто од испитаните се финансиски зависни од родителите, тоа пак ги обесхрабрува да создадат семејство. Квалитативната анализа спроведена во 2016 година, а во кој учествувале 30 испитаници од 15 до 29 години, покажува дека најпозитивни настани за нив се успехот на кошаркарската репрезентација, осамостојувањето на државата и студентските протестит, додека негативни настани го посочуваат етничкиот вооружен конфликт од 2001 година, потоа атентатот на Кирил Глигоров и непогодите што се случија, како поплавите и земјотресите. Покрај ова, сите рекле дека го почитуваат бракот како институции, додека голем дел од нив, одговориле дека не им пречат истополовите бракови.

Според Јорде Јаќимовски, член на истражувачкиот тим, македонската популација старее, односно се намалува младото работоспособно население. Како што посочи, делумно ова е природна појава, додека дел е поради огромното иселување во последните неколку години.

„Младите успехот во животот  прво го гледаат преку учеството во власта и да се со власта, а на второ место е ако се способни, ако имаат знаење“, заклучи тој.

На ова се надоврза и Весна Забијакин Чатлеска, исто така, член на истражувачкиот тим, забележувајќи дека 60 отсто  од младите не сакаат да работат во бизнис секторот, а 25 отсто сакаат да отворат сопствен бизнис, што значи дека една четвртина од младите се чувствуваат способни и мотивирани да започнат свој старт ап во државата.

Психологот Станислав Петковски, психолог смета дека главен проблем во нашата држава е тоа што нема пристапи и едукација за тоа што значи професионализмот.

„Самите едукативни системи ги маргинализираат менторството и супервизијата. Луѓето кога ќе завршат факултет, дури и за време на факултет, би препорачал да имаат добри ментори, бидејќи тој не само што ги учи знаење, туку и ги учи вештина, на пристап“, заклучи Петковски.

„Младите се рефлексија на општеството“, додаде Методија Стојчевски од Младинскиот сојуз. Тој смета дека младите не се мотивирани да се вклучат во политиката, туку само кога ќе забележат некаков личен повод за да добијат работно место или за да добијат привилегии во општеството.

„Младите не можат да направат дистинкција од политичките партии и активно учество во какви било политики, односно, сметаат дека политиката е ексклузивно право на политичарите, наместо ние што секојдневно работиме на креирање на некакви политики за младите“, подвлече тој.

На ова се согласи Јане Плавески, потпретседател на Националниот младински совет, кој забележа дека се уште постои апатичност меѓу младите.

„Повеќе од 80 отсто од нив не се вклучени во никаква организација, па дури граѓанскиот активизам и политичкото дејствување го рефлектираат како политичка партија“, рече тој.

Плавески ја поздрави Агенцијата за вработување за нејзините програми за млади, но посочи дека нивните програми се креирани без консултација на младите. Според него, речиси во ниту една институција не се застапени младите, ниту пак, се консултирани. Поради тоа, тој побара Агенцијата вработување да има поконкретна соработка со младите.

Наспроти ова, Зорица Стаменковска од Агенцијата за млади и спорт рече дека младите ја напуштаат апатијата, наведувајќи ги студентските протести и Националната стратегија за млади.

„Оваа стратегија како на млади луѓе ни дава надеж дека и самите млади луѓе ќе може да ја следат имплементацијата, а на крајот на секоја година да дискутираат и да контактираат и со младинската организација и самата агенција“.

Е.П.