Држава во Индија ги забрани Пепси и Кока Кола бидејќи ја влошуваат сушата

Трговската комора во јужната индиска држава Тамил Наду ја забранија продажбата на производите на мега-корпорациите Кока Кола и Пепси, а наместо тоа апелираат да се трошат локалните и природни производи.

Забраната, која ја предложија двете највлијателни асоцијации на трговци во државата, стапи на сила во среда.

Асоцијациите велат дека компаниите кои произведуваат газирани сокови користат премногу вода од реките, поради што фармерите не можат да ги навадат своите ниви во време на сериозна суша.

Индиската асоцијација за пијалаци вели дека е разочарана од забраната.

ИБА (Indian Beverage Association), која претставува повеќе производители на безалкохолни пијалаци, вели дека забраната „е против докажаните основи на брзиот економски раст“.

„Кока Кола и ПепсиКо Индија заедно обезбедуваат директно вработување за 2000 семејства во Тамил Наду, а индиректно за повеќе од 5000 семејства. ИБА се надева дека ќе преовладува добриот смисол и дека потрошувачите ќе продолжат да го користат своето право на избор во Тамил Наду“, велат од асоцијацијата.

Забраната се очекува да ја почитуваат околу милион потрошувачи.

„Пијалаците како Кока Кола и Пепси не се добри за здравјето, бидејќи имаат големо количество шеќер во нив и се полни со хемикалии. Ние промовираме индиски пијалаци, а сакаме и да поттикнеме продажба на овошни сокови“, вели Та Велаиџан, претседател на Форумот на асоцијации на трговци на Тамил Наду.

Асоцијациите апелираат и до супермаркетите, рестораните и хотелите да ја почитуваат забраната и „да им помогнат на локалните бизниси и фармери да просперираат“.