Дрво-старател, акција на Гринбокс за повеќе дрвја во Скопје

Здружението „Гринбокс“, заедно со повеќе активисти и граѓани започнаа акција чија цел е да го зголеми бројот на дрвjа во Скопје. Јане Димески, кој е дел од ова здружение, информира дека за почеток ќе се поделат околу 30 дрвца, засадени оваа сезона на луѓе кои први се пријавиле да ги одгледуваат. Нивната задача ќе биде да ги пресадат во поголеми саксии кога ќе потпораснат,  да им помогнат да опстојат во лето, по што дрвцата наесен ќе бидат засадени низ градот.

„Дрва и зеленило во градот имаме сѐ помалку, а истовремено насекаде околу нас ги имаме потребните материјали за садење. Костени, желади и семе од јавори (хеликоптерите) во есен ги има речиси на секоја скопска улица од оттаму си го поставивме прашањето зошто да не се обидеме да ги садиме и самите да ги вратиме дрвата“,вели Димески за Радио МОФ.

Акцијата за многу краток период се прошири низ социјалната мрежа Фејсбук и како што информира Димески,  голем број заинтересирани сакаат да се вклучат во неа.

„Со пробно садење на семиња изминативе години се уверивме дека тоа не е воопшто тешко и неизводливо за лаици како нас. Никој од нас не е шумарски инженер ниту претходно имал искуство на оваа тематика“, се потсетува Димески.

Идната година, додава тој, ќе се обидат да соберат многу повеќе семки за садење за следната сезона да го прошират кругот на луѓе што ќе се вклучат во одгледувањето.

„Преку одгледувањето на дрвцата, целта ни е граѓаните кои ќе се приклучат самите да почувствуваат колку време и трпение е потребно за едно семе да прерасне во дрво налик на оние кои ни го чистат воздухот во Скопје, а безмилосно се сечат и потоа поцврсто сите да застанеме во одбрана на преостанатото зеленило“, објаснува Димески.