Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) известува дека на редовното годишно собрание, на 22 јуни, ќе покрене иницијатива за преиспитување на содржините на лектирата за основно и средно образование.
Од ДПМ оценуваат дека содржините на лектирата што им се нуди на учениците во голем дел е застоена и не кореспондира со вистинските вредности во делот на класичната литература, но и со новите трендови во домашната и светската книжевност.
„ДПМ ќе побара од Министерството за култура и од Министерството за образование и наука да ги употребат своите механизми, со учество на независни експерти од областа на книжевната наука и образованието, за прочистување на лектирата според естетските параметри и реалните очекувања од современиот образовен систем, како и ослободување на изборот на авторите и делата од било какви идеолошки и други нелитерарни мотиви. Ваквата иницијатива, во која Друштвото на писателите е подготвено да партиципира во сите фази од нејзиното реализирање, ќе придонесе за афирмација и доближување на вистинските вредности на литература што се создава на македонски јазик и на јазиците на националностите до младите читатели, во контекстот на книжевните вредности што доаѓаат од светот, а тоа ќе го подигне нивото на образованието во областа на уметноста на пишаниот збор“, се наведува во соопштението.