Друштвена чистенка на Матка во сабота

Група млади луѓе преку Фејсбук се организираат за друштвена чистенка на Матка оваа сабота. Тие ги повикуваат граѓаните да понесат со себе ракавици и кеси во кои би го собрале отпадот со цел околината да остане чиста.

„Кањонот Матка е меѓу десетте најубави кањони во Европа кои се лесно достапни за авантуристите и нудат одлични погледи и добри патеки за шетање.

На наша жалост речиси секогаш во околината можат да се забележат многубројни пластични шишиња, ќеси и други разни отпадоци кои ги оставаат самите посетители. Ајде да се собереме и да го исчистиме!“, пишува во Фејсбук настанот.

Тие потенцираат дека отпадот нема да исчезне сам по себе, поради тоа, сметаат дека е потребно да се преземе ваква акција. Збирно место е мостот на почетокот на кајакарската патека.