Drum & Bass ѕвездата Wilkinson доаѓа на „Д Фестивал“ во Дојран

Најсјајната нова ѕвезда на британската денс сцена, Wilkinson доаѓа на Д Фестивал, како последното име кое ќе ја предводи програмата на првиот фестивалски ден во Дојран. Mark Wilkinson, авторот на глобалната денс химна „Afterglow“ со 36 милиони прегледи на „Јутјуб“, кој изминатата година ги собра наградите за Најдобар сингл, Најдобар албум, Најдобро видео, Најдобар продуцент и Најдобар лајв изведувач на британските National Drum & Bass Awards, во вистински момент доаѓа во Дојран со првиот диџеј сет пред македонската публика.

Главната бина на Д Фестивал на 17 јули (петок) ќе го пречека лондонскиот диџеј и продуцент кој доминираше на британските листи со денс-сингловите од албумот „Lazers Not Included“, а ремиксите ги потпиша за имиња како што се Gorgon City, Chase & Status и Example, покрај неизбежната клупска верзија на песната „Sing“ на Ed Sheeran.

Со своите префинети продуцентски способности, Wilkinson го остварува првиот пробив на лондонската сцена  во 2010 година кога испраќа неколку нумери на Hospital Records и стигнува до своето прво објавување за оваа етикета, на компилацијата „Sick Music 2“. Неколку месеци подоцна, својата музика тој ја испраќа на реномираната Ram Records, етикета на Andy C и за неколку дена добива повик од него со покана за договор. Само неколку години по овој момент, Wilkinson, со веќе потпишан договор со „Рам Рекордс“ и „Вирџин ЕМИ“, се наметнува како една од најсјајните нови ѕвезди на денс музиката. По неговите клупски химни „Tonight“, „Take You Higher“, „Need To Know“, „Heartbeat“ и „Too Close“, Вилкинсон ги објавува „Half Light“ кој веднаш се позиционира на 20 место, „Dirty Love“ кој се искачува во најдобрите 10 и глобалниот хит „Afterglow“ кој стана топ 5 хит на официјалната британска листа, продавајќи 400.000 примероци, со над 36 милиони „Јутјуб“ прегледи.