Дрон на Фејсбук кој може да го обезбеди интернет насекаде во светот го заврши првиот успешен лет

Дронот Акила, напојуван со соларна енергија, а финансиран од Фејсбук, би можел еден ден да обезбеди пристап до интернет. Тој штотуку го заврши првиот успешен тест лет, откако претходен обид заврши со урнување на леталото.

Основачот на Фејсбук, Марк Закерберг, со дронот планира да обезбеди интернет за четири милијарди луѓе низ светот, кои моментално немаат никаков пристап до светската мрежа.

„Кога Акила ќе биде подготвен, ќе има флота од авиони напојувани со сончева енергија, кои ќе емитираат интернет конекција низ светот“, напиша на Фејсбук.

Дронот летал со повеќе сензори, нови спојлери и хоризонтален систем за стопирање на пропелерот, за да му помогне полесно да слета. Бил во воздух еден час и 46 минути, а достигнал висина од 914.4 метри.

Леталото тежи околу 450 килограми и има поголем распон на крилата од Боинг 747. Претежно лета на автопилот, но има и луѓе кои го управуваат од тлото за да успее да изведе извесни маневри.

„Успешно собравме доволно податоци кои ќе ни помогнат да ја оптимизираме ефикасноста на Акила“, вели Закерберг. „Никој досега не изградил беспилотен авион кој ќе лета со месеци одеднаш, затоа треба да го подесиме секој детаљ за да го направиме ова како што треба“.