Драмското студио „Миладин“ oд Струга кон крајот на март и почетокот на април најавува две нови претстави во кои ќе можат да уживаат сите љубители на театарот.
Првата претстава „Црвенкапа во не- бајка“ е наменета за детската публика. Режисер е Ристе Миладин, а ќе ја изведува помладата група на драмското студио „Миладин“. Премиерата е закажана во сабота (29 март) во 19 часот, во центарот за култура „Браќа Миладиновци“ -Струга. За повозрасната публика пак при крај се подготовките на премиерата на представата „Госпоѓа министерка“ од Бранислав Нушич. И оваа претстава се прави во режија на Ристе Миладин, а ќе ја изведува повозрасната група на драмското студио на 5 април, во 19 часот.
„И оваа како и изминатите години драмското студио „Миладин“ продолжува да ги остварува програмските определби зацртани за годинава . А тоа е активност од пет премиери и повеќе репризи нате драмски представи. Првата премиера за оваа година е осоврменета „Црвенкапа во не –бајка“, а веднаш потоа следната сабота ќе се одржи премиерната изведбата на комедијата од Бранислав Нушич . Се разбира и едната и другата представа ќе бидат репризирани, како за граѓанството така и за основните и средните училишта“, вели раководителот на драмското студио и режисер, Ристе Миладин.
Драмското студио „Миладин“ работи од 2002 година. Во него има две групи актери-аматери- првата е составена од деца до 14 -годишна возраст, а втората ја сочинуваат лица постари од 15 години. Струга има долга театарска традиција. Во овој град театар постоел од далечната 1908 година, со кој раководеле членови од повеќе генерации на семејството Миладинови, како и бројни сртужки ентузијасти.
Даниел Шикоски