[Драмски театар] Премиера на „Евангелие на глупоста“

„Дојдете и видете, па ако треба и ќе се истепаме!“ – вака актерот Благој Чоревски ги покани присутните на прес конференцијата да ја погледнат „Евангелие на глупоста (Далај Мама во 2 дела)“, која вчера беше премиерно изведена на сцената на Драмскиот театар.

[Драмски театар] Премиера на „Евангелие на глупоста“

Чоревски толкува една од главните улоги во претставата – Јордан Поткошулов, „главата“ на семејството, заменик-народен херој, петел кој се кити со туѓи перја, осаменик чиј главен проблем е раскинувањето на Анџелина Џоли и Бред Пит. Дијаметрално спротивна, неговата сопруга, сатирично наречена Далај мама (Ирена Ристиќ) е женскиот столб во фамилијата, крајно невротична, но постојано загрижена за судбината на сите.

Фамилијата Поткошулови живее на улицата „Херои на Џукелизмот“, или „Џукели на хероизмот“ – изборот е оставен на публиката, актерите само ја отвораат дилемата на сцена. Низа вакви нелогични оксиморони го сочинуваат сижето на претставата која некои ќе ја перципираат како солена шега на сметка на македонскиот народ, и пошироко, на западната цивилизација. Сепак, според зборовите на авторот и режисер Љубиша Георгиевски, „Евангелие на глупоста“ нема за цел да ја воздигне Глупоста – баш напротив, да ја мобилизира публиката во борба против неа. Репликите, пак, варираат од егзистенцијални прашања преку реални проблеми до глупави изјави за кои е очигледно дека авторот намерно ги иронизирал.

Дејството на претставата се игра во паралелни секвенци, со Гробарот (Диме Илиев) како посредник помеѓу овдешниот и тамошниот, задгробниот свет. Таму, на неопределена локација во временскиот континуум, трите караконџули кои ги играат Ана Костовска, Валдета Исмаили и Милица Стојанова, плетејќи чорапи, симболично им ја плетат судбината и на Поткошулови. Со мајсторски обмислена игра на зборови, посебно во вториот чин, трите мудрици се движат на линијата помеѓу интелектот и глупоста, секоја со посебен шарм. Далај Дамла, одиграна од Петар Мирчевски, како гостин од Битолскиот театар, е метафора за најстарата генерација, онаа која во своето животно искуство насобрала доволно мудрост за да знае кога треба, а кога не треба да ги остави помладите да ги искусат последиците од сопствените грешки. Златко Митревски, Игор Ангелов, Трајанка Илиева, Игор Георгиев, Катерина Шехтанска Лаковска и Филип Трајковиќ ги играат претставниците на младата генерација – препуштени сами на себе, трагаат по одговорот на, за нив, важните прашања.

Хаикуто, кое во една од сцените го смислува ликот на Игор Ангелов, е одличен сублимат на целата егзистенцијална тежина која претставата ја носи во себе:

„Човекот се дави во вода.
Рибата не се дави во вода.
Едниот го јаде другиот.“

Јована Ѓорѓиовска