[Драмски театар] Евангелие на глупоста – премиера на 12-ти април

Драмскиот театар, во соработка со авторот и режисер Љубиша Георгиевски, ја најави премиерата на претставата „Евангелие на глупоста (Далај Мама во два дела)“ на 12-ти април, оваа сабота.

[Драмски театар] Евангелие на глупоста – премиера на 12-ти април

За претставата која е напишана уште во 2002 година, Георгиевски вели дека е искривено огледало на македонскиот народ, но и на целиот западен свет. Главна тема во оваа трагична фарса е распадот на западната цивилизација која веќе раскрсти со се, освен со потребата да верува во нешто. Зборувајќи за ликовите, вели дека сите се прототипови на глупост во метастаза, без релевантни проблеми.

Актерската екипа е составена од Петар Мирчевски, Милица Стојанова, Благој Чоревски, Ирена Ристиќ, Филип Трајковиќ, Игор Георгиев, Катерина Шехтанска – Лаковска, Трајанка Илиева – Таци, Игор Ангелов, Валдета Исмаили, Ана Костовска, Диме Илиев и Златко Митрески.

Петар Мирчевски од Битолскиот театар за прв пат ќе гостува во една од главните улоги, а Милица Стојанова низ шега вели дека не и дозволуваат да го напушти светов и среќна се враќа на сцената на Драмски театар токму поради оваа претстава.

Како дел од тенденцијата за давање шанса на млади и перспективни уметници, музиката за претставата ја направи Гаврило Миловановиќ. Сценографијата и костимографијата е на Мери Георгиевска.

Целата екипа која работи на претставата е согласна дека „Евангелие на глупоста“ има за цел да ја поттикне публиката да ја надмине оваа „глупава“ фаза преку директен судир со неа и излегување од шаблоните. Диме Илиев вели дека во неа гледа неколку слоја на луѓе – фамилијата која е постојано во конфликт, подземниот свет кој е мирен и стабилен, младите кои се уште ги немаат формирано своите ставови а се под општествен притисок да го направат тоа. Чоревски го дели мислењето на режисерот за претставата, додавајќи „Дојдете и видете, па ако треба и ќе се истепаме.“

Јована Ѓорѓиовска