Драмиќанин: „Стрип трип“ значи спојување на искусни автори со младата гарда

„Како најбитна работа за младите е тоа што стрипот им ја отвора фантазијата и им е најевтин медиум, каде би можеле да ги пренесат своите идеи. За стрип минимум треба молив и хартија. А, со молив и хартија на крај можат да излезат чудесии“.

Давор Драмиќанин од „Макстрипови“, кога со Радио МОФ лани правевме видео репортажа, ни ги раскажа моќите и можностите на стрипот, кој е вброен како деветта уметност.

Дека можностите на стрипот се големи, покажува и третиот меѓународен „Стрип трип фестивал“ што се одржува во 6 до 8 јуни во Младинскиот културен центар во Скопје.

Драмиќанин посочува дека новото, тазе издание кое почнува денес – продолжува да ја раздвижува, но и да ја шири стрип-културата.

„’Стрип трип’ значи спојување на искусните автори со младата гарда која надоаѓа. Ако до пред некоја година велевме дека има меѓугенерациска празнина, сега, на накој начин, сметаме дека има добра пополнета основа за да продолжат наредните генерации. Затоа и лани и годинава акцентот е тој – искусните да пренесат на помладите што е можно повеќе знаење“, нагласува Драмиќанин.

„Лани го имавме Миле Топуз качен на сцена на 92 години, а после него, кога се доделуваа награди на конкурсот – најмлад автор од околу 12 години. Така што, разликата од 80 децении меѓу автори на сцена е огромна, и во години, и во значење“, дополнува тој.

Од тој аспект се и годинешните три изложби.

„Првата е со странски гости, такви годинава ги имаме четири: од Германија, Србија, Хрватска и Косово. Втората е на деветте македонски автори. Додека третата е за младите таленти да добијат можност преку конкурсот. Лани пристинаа 64 дела за корицата, што претставува една илустрација, а годинава добивме 59 стрипови! Тоа се нецели 600 табли материјал. Од нив успеваме да испринтаме и претставиме 200 и кусур, а ќе бидат вклучени дела од секој од конкурсот. Фактот што побуди толку голем интерес, со услов никаде да не бидат претходно објавени, е таа иднина што ја потенцирам! Од 59 стрипови, девет се од Балканот, се’ друго е од Македонија. Осум стрипови се од стрип-школата, што ја тераме втора година“, објаснува тој.

Радио МОФ веќе објави дека стрип-школата на младите им ја впрегнува креативноста и истовремено од менторите учат кадрирање, анатомија, сенчање, но и дијалог и сценарио за стрип. Сега, наученото го пренесуваат и на „Стрип трип“.

[Видео] „Макстрипови“: Започнавме стрип-школа за средношколци за да се впрегне нивната креативност

Драмиќанин зборува за спојување на стрипот со музиката, како тематска поставка. Ако лани темата беше „Самураи во град“, неофицијално годинава е „Музика и стрип“.

Главен гостин на фестивалот е реномираниот стрип-автор Рајнхард Клајст од Германија кој во светот е препознаен по графичкиите биографии за Дејвид Боуви, Ник Кејв и Џони Кеш, како и графичките романи „Боксерот“ и „Олимписки сон – Приказната за Самија Јусуф Омар“.

„Неговиот ‘Стармен – Годините на Дејвид Боуви како Зиги Стардаст’ е преведен на македонски јазик, исто и ‘Боксерот’, што ни е една од битните работи кога се работи за странски гостин“, потенцира претставникот од „Макстрипови“.

Боуви бдее над Скопје од Рајнхард Клајст

Клајст ќе настапи на „Стрип Трип“ со изложба, панел дискусија, цртачка сесија, како и уникатен цртачки перформанс со музичка придружба од младите „голопланинци“ Мартин Џорлев, Виктор Стојановски и Марко Печеновиќ.

„Убаво спојка е тоа што, ланскиот победник на конкурсот ‘Македонска стрип иднина’, го поканивме да го прави постерот за оваа година. Значи, правиме некакво спојување и продолжеток меѓу двете фестивали. Тоа е и спојката на музика и стрип, при што ќе има и специјална сценографија, за која влеговме ‘хард-кор’ за нејзино поставување“, низ смеа раскажува Драмиќанин.

Повторува, една од целите е да се спои младост, искуство, стрипаџии, уметници, гикови, ама да се понуди и платформа, можност за сите оние што не се навлазени во стрип-културата – да се хранат со содржини што ќе им значат понатаму.

„Гости, предавања, панели… нудиме простор за сите оние што почетно цртаат. Значајно е тоа што ќе можат да стапат во контакт со ликови како пример Марко Стојановиќ (Србија), кој има балкански серијал, кога му цртаа над 200 автори. И, од каде знаеш што ќе се случи? Еве лани 1-2 му цртаа во новиот албум. Така што, успеале преку презентирање на нивно дело на домашен фестивал – да бидат препознаени и поканети на соработка со било кој, не само во Македонија“, потенцира Драмиќанин.

Меѓународни гости на фестивалот се реномираните стрип-автори Марко Дјешка од Хрватска и Гани Сундури од Косово.

„Странците ќе донесат инспирација и мотивација. Но, сакаме да создаваме платформа за промоција и на домашните автори. Важно да се даде шанса на младите, некој да им даде стимул, да ги потапне по рамо, да им рече ‘одиме напред, правиме!’. Некогаш и тоа недостасува. Многу ни е битно да направиме иднина, константа. Долго време бевме ‘гаража екипа’, а последниве години излеговме на виделина. Има природен раст на работите, органски, не е инфорсиран. Со тоа, после самите луѓе ќе си дојдат на место и ќе понудат свое дело, идеја, вештина, ќе бидат пример“, констатира Драмиќанин од „Макстрипови“.

Драмиќин е вброен и како еден од македонските претставници на „Стрип Трип“, заедно со Александар Сотировски, Смиле Цветановски, Наташа Андонова, Филип Алексовски, Матеј Богдановски, Симон Калајџиев, и Стефан Николовски.

Дополнително, според најавите, на писателот и теоретичар Томислав Османли ќе му биде врачена наградата „Македонско стрип наследство“ со која се препознава неговиот допринос кон македонското стрип творештво. Во текот на фестивалот ќе бидат објавени и победниците на конкурсот за најдобар краток стрип кои ќе се стекнат со низа финансиски и нефинансиски награди.

Фестивалот вклучува и работилница за цртање стрипови со Здравко Гиров, цртачка „џем“ сесија со сите гости, поткаст во живо со „Дебели Гикови“, и низа други интерактивни искуства.

Воедно, ќе бидат прикажани и долгометражниот анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ на Гоце Цветановски, како и кратките анимирани филмови на Марко Дјешка. Диџеј сетовите на Костадин Шурбановски – Шурбе и Владимир Благојевиќ – Владодлак ја заокружуваат мултимедијалната програма.

Покрај редовната програма, на 7 и 8 јуни со почеток од 12 ч. ќе се одржи стрип берза на платото на МКЦ, со бројни учесници како „Бункер“, „Макстрипови“, „Стрип Квадрат“, „Арс Ламина“, „Темплум“, „Флип Бук Букс“, „Артконект“, „Гаврош“, „Катран Комикс“, „Парагонс Комикс“, „Крипто Комикс“, Жарко Миловановиќ – Жбрц.

Фестивалот е отворен за сите посетители.

Ко-оргиназатори на фестивалот се МКЦ, стрип книжарницата и издавач „Бункер“, здружението за промовирање на стрип културата „Макстрипови“, издавачката куќа „Стрип Квадрат“, и поддржувачи на македонската стрип сцена како „Комикс МК“, „Парагонс Комикс“, и „Катран Комикс“.

Бојан Шашевски