Драменбејс журка со Junior Buzz – чудото од дете се враќа во Скопје

На 7. декември (сабота), во Капан Ан се одржува специјален настан, со кој ќе кулминира овогодинешната клабинг сезона – репродукција на првата драменбејс журка во историјата на нашата држава. По тој повод, во Скопје доаѓа лондонскиот диџеј Junior Buzz, кој ја зачна македонската драменбејс клабинг приказна, пред точно 14 години.

Драменбејс журка со Junior Buzz - чудото од дете се враќа во Скопје

Таа последна есен од претходниот милениум, Junior Buzz дојде како тинејџер и испорача колаж од најактуелните изданија на жанрот, кој тие години со голема  брзина го преплави светот. За разлика од повеќето деца, Junior Buzz, (Кени Гилард), раното детство го поминува со необични играчки – грамофони, плочи, миксер – благодарение на неговиот татко – диџеј. Веќе на 13 години почнува да микса, а на 15 настапува рамо до рамо со најголемите драменбејс имиња во Велика Британија.

По историската журка во Македонија (патем, негово прво гостување во странство), кариерата на Junior Buzz продожува со силна динамика.

484800_10151238020112647_1457188523_n-1Денес е еден од најдобрите диџеи во својата земја, исклучително баран и почитуван, настапува на сите поголеми клабинг настани во Велика Британија, како: Raindance, Moonodance, Jungle splash, Sundance Festival... Резидентен диџеј е во најактуелните лондонски клубови: Hidden и Brixton jamm, како и на најпознатата легална магацинска забава Great suffolk street warehouse.

Уредува и води своја емисија на KOOL LONDON – драменбејс радиото со најдолга традиција на светот.

„Оваа сабота, во Скопје ќе го пренесе духот на лондонските журки и меѓудругото, ќе презентира најсвежиот звук од светската музичка престолнина – најнови изданија, но и сѐ уште необјавени парчиња, кои ексклузивно ги добива од дискографските куќи. Се разбира, перформансот ќе биде зачинет и со класици на олд скул, џангл и драменбејс жанрот. Несекојдневна и незаобравна зурка е загарантирана – историјата ќе се повтори уште еднаш!“, ветуваат организаторите.

Самиот Junior Buzz, посочуваат, е исклучително возбуден и мотивиран и едвај чека повторно да се спои со македонската публика. Настанот ќе го дополнат домашните диџеј ветерани: Ogie и Mogli.

Подиумот е отворен на полноќ, а влезницата чини 150 денари.

Гостувањето на Junior Buzz се организира во рамките на одбележувањето на јубилејот на Скопје Вавилон – новата форма на активизам, која веќе една година го унапредува културниот живот на нашиот главен град, угостувајќи ги најактуелните имиња на регионалната и светска клабинг сцена.