„Драма“ во градски автобус

Дали се возите во градски автобус? Не, не..не е ова поврзано со пензионерите-Дали би сакале да се возите во градски автобус и истовремено да уживате? Не, не…нема да ви биде топло, возачот ќе вози добро, нема да стоите. Перформанс во автобус, со 17 актери, перформанс кој ќе ви овозможи да чуете и видите приказни од нашиот град.

„Драма“ во градски автобус

Со оваа најава, а преку сајтот „letsfundit.mk“се собираат средства за изведба на „Драмата во автобус“.

„Последниве неколку месеци активно се возам во нашиве градски автобуси и можам да ви кажам дека сум сведок на стотици среќни моменти, тажни моменти, љубоморни сцени, неплатени сметки, договорени пијанки, состаноци со љубовници и љубовџики, плавуши, црнки, палави средношколци, добро воспитани основци, и гужва од пензионери. Кој нервозен, кој среќен, кој плаче, кој се крие без купен билет, умор…умор…умор… Во овој театарски перформанс сите ќе бидеме патници. И публиката и актерите. Ќе тргнеме од себе и ќе раскажеме случки, приказни, реални моменти кои едноставно ќе не натераат во еден момент да се препознаеме, во друг насмееме, натажиме. Публиката ќе биде сведок за тоа што секој ден се случува додека се возиме во автобус“, се наведува во најавата за перформансот.

Акцијата на прибирање средства е почната и ќе трае до 19 мај, период во кој треба да се приберат 40 илјади денари.

„Ова ќе биде атрактивен перформанс за Скопје и освежување за алтернативниот театар кој допрва доаѓа. Ова не е тема која не засега само нас. Ова го има во сите автобуси, во сите трамваи, сите метроа. Една општествено ангажирана тема со млади актери кои допрва треба да го градат вкусот и духот на театарот. Со нашата неуморна енергија и страст за работа, едноствано сакаме да ви прикажеме нешто во кое само и единствено ќе уживате во неколку круга низ нашиот град :) За да се оствари овој проект потребни се финансии кои ќе овозможат барем 5 изведби за почеток. Финансиите вклучуваат изнајмување на автобусот и минимални хонорари за вложениот труд на актерите како и потребни материјали за претставата. Ова вклучува рекламен материјал (постери, програмчиња и билети), како и средства за костим и потребни реквизити“, стои во појаснувањето за „Драмата во автобус“ дадено од 17-те  актери кои сакаат да направат нешто што до сега го немало во Скопје.