Драган Арсовски, херпетолог: Откритието за геј-желките на Голем Град беше неочекувано

Во Македонија живее најгустата популација на „геј-желки“, откритие кое го направи интернационален тим на истражувачи кои изминативе седум години редовно го посетуваат и вршат истражувања на островот Голем Град, во Преспанското Eзеро.  Драган Арсовски е еден од двајцата истражувачи од Македонија, кои работат на овој проект. Откако дипломирал на Природно-математичкиот факултет во Скопје, жедта за знаење го носи низ повеќе европски држави, а во моментов под менторство на професорите Ксавиер Бонет од Центарот за биолошки студии во Франција и Љиљана Томовиќ од универзитетот во Белград, работи на својот докторат посветен на Голем Град.

Драган Арсовски

До откритието кое одекна во јавноста, за хомосексуалното однесување на желките во Голем Град, вели дека дошле неочекувано.

„Во јавноста Голем Град е познат како Змиски остров, меѓутоа кога ќе отидете таму првото нешто што ќе го забележите се желките. Во однос на хомосексуалноста на желките, тоа беше нешто што ние воопшто не го предвидовме пред да дојдеме таму. Напротив, кога ќе забележиш дека има парење на животни пред тебе, тоа го запишуваш и не се мачиш дури ни да забележиш кој е полот на животните. Беше големо изненадување кога видовме дека станува збор за мажјаци во првиот случај, а потоа и во следните случаи, што нè натера да се запрашаме зошто се случува тоа“, вели Арсовски.

Потоа следело долгогодишно маркирање и споредување на базите со податоци за однесувањето на животните.

„Дојдовме до сознание дека работиме на најгустата популација на Херманиевата желка во светот и по неколкугодишно истражување, откако ги имавме маркирано поголемиот дел од возрасните единки, сфативме дека станува збор за популација со многу нерамномерен однос на половите и огромен број мажјаци. Односот е околу 50 женки на 1000 мажјаци и реално. Оттука, дури и без посебни статистички моделирања и истражувања, може да се дојде до заклучок дека поради нерамномерниот однос на полови и густината на популацијата доаѓа до специфично, односно хомосексуално однесување кај желките“ заклучува Арсовски.

Истражувањата ги работи тим од двајца до 17 научници, од кои освен двајцата Македонци, останатите се Срби и Французи. Тоа е очекувано, смета младиот научник, бидејќи проектот е финансиран од Српското министерство за наука и делумно од Франција, како неговиот докторат. Работата на терен пак за него е посебна приказна и секој ден е нов предизвик.

„Ние седиме во шатори, без вода и струја, а првиот ден е најтежок, кога се поставува кампот. Има само две места за пристап од плажата на платото на островот. Потоа започнуваат истражувањата, сè е организирано во однос на тоа кој дел од островот се работи во текот на денот. Сепак, се случува истовремено кога се работи на истражување на желки, да се појави поскок или друга змија, па се работи и со нив. Желките се забележуваат на лице место, змиите се носат во кампот, ги премеруваме и земаме основни податоци, по што ги враќаме назад“, раскажува Арсовски.

Фото: beheco.oxfordjournals.org

Фото: beheco.oxfordjournals.org

Сите во тимот добро се познаваат и одлично функционираат заедно, а Арсовски е најсреќен кога ќе види дека интерес за ваквите истражувања покажуваат и македонските студенти биолози.

„И јас почнав да студирам на ПМФ и бев дел од ИДСБ (Истражувачкото друштво на студенти биолози), преку кое може студентите да се пронајдат себеси и да ја пронајдат потесната област за која се заинтересирани. Откако паметам за себе сум бркал гуштери, змии и желки, и знаев што сакам да работам, а таа енергија едноставно се канализираше преку Истражувачкото друштво. Преку разни контакти стигнав до Голем Град , што е логичното место каде еден херпетолог – човек што проучува рептили и водоземци, треба да заврши во Македонија“.

Освен Голем Град за него интересни за проучување се Мариово и ниските делови на источна и југоисточна Македонија, каде во однос на рептилите се забележуваат влијанијата од Мала Азија. Малкумина знаат, вели тој, дека овде имаме змии од фамилијата бои, како што е песочната боа.

За себе вели дека сега заминувањето од Македонија било логичен чекор бидејќи можностите и средствата се ограничени, што впрочем и се очекува во една мала држава. Сепак е загрижен поради тоа што иако секоја година на факултетот, се појавуваат неколкумина одлични студенти, државата ги испушта од раце. Неговиот потенцијал, се потсетува, не бил препознаен од нашите институции, со исклучок на ИДСБ и неколкумина професори од факултетот кои се бројат на прсти, но биле силна морална поддршка. Сепак, задоволен е што е добил можност својот докторат да го работи во Македонија, на Голем Град.

„Ова е прва година откако започнав со работа на докторатот и поинтензивно се работи. Тука сум од мај до септември и поминуваме на островот во просек по 10 дена месечно, заедно со брегот каде исто така се работат компаративни истражувања. Ќе бидат многу поинтензивни истражувањата и во однос на прашањата кои сакаме да ги одговориме. Она поради кое се крена фама, хомосексуалното однесување кај желките, е само грепка на површината на многу поголеми прашања. Од друга страна, штета е што иако веќе имаше неколку студии за рептили на островот, беше потребна ваква фама за јавноста да дознае дека постои едно неверојатно место како Голем Град во Македонија каде се вршат истражувања како оние што ги гледаме на Discovery и National Geographic. Станува збор за еден неверојатен систем каков што нема друг во светот“, заклучува младиот херпетолог.

Ј.Ј.