ДПМ ќе подари 3000 книги на библиотеки кои го носат името на Конески, Јаневски или Шопов

По повод претстојното одбележување на јубилејот 70 години од формирањето на Друштвото на писателите на Македонија, на библиотеките што ги носат имињата на основоположниците на македонската писателска асоцијација Блаже Конески, Славко Јаневски и Ацо Шопов, ДПМ ќе им подари по 1000 книги. На пригодна книжевна програма, во која ќе настапат членови на ДПМ, книгите ќе бидат подарени на библиотеките во основните училишта „Блаже Конески“ и „Ацо Шопов“, како и на библиотеката на читалиштето „Славко Јаневски“ во Скопје.

Друштвото на писателите на Македонија е формирано на 13 февруари 1947 година, а негов прв претседател беше големиот македонски поет, лингвист и книжевен научник Блаже Конески. Во изминатите седум децении во ДПМ своите творечки и организациони заложби ги здружија 540 писатели кои создадоа илјадници дела во областа на поезијата, романот, расказот, драмата, критиката, есеистиката и литературата за деца.

Свечениот собир по повод одбележувањето на 70-годишнината од формирањето на ДПМ, ќе се одржи на 16 февруари во 12 часот во Домот на македонските писатели. На свеченоста ќе бидат врачени наградите за најуспешни книжевни дела објавени минатата година.