Дозволено приватно слетување на месечината

Прв пат во историјата приватна компанија доби дозвола да слета на месечината.

Компанијата Moon Express потврди дека ги добила сите потребни дозволи од американската администрација по што ќе може да го реализира планираното слетување на најблиското небесно тело до Земјата следната година.

Од компанијата информираат дека за почеток имаат план да испратат вселенско летало со големина на патна торба во еден правец. Неговата двонеделна мисија ќе вклучува извршување одредени научни експерименти, како и пренос на комерцијален товар – меѓу што и кремирани остатоци од луѓе.

Леталото ќе испрати и слики и видео назад кон Земјата со цел да победи на предизвикот Google Lunar-X и да ја освои наградата од 20 милиони долари која следува за тимот кој прв ќе слета приватно на месечината.

„Само три суперсили слетале на некое друга планета – ние ќе бидеме четвртата“, соопшти еден од сопствениците на компанијата, Навин Џаин.

Оваа информација отвара ново поглавје во вселенските истражувања, бидејќи никогаш претходно приватна компанија не добила дозвола за економско искористување на нешто што е надвор од земјината орбита, привилегија која ја имаа само владините агенции.  Оваа одлука е само привремено решение, но во САД се размислува за целосна, нова законска регулатива која ќе го опфати ова прашање. Одлуката најверојатно ќе отвори и многу контроверзи во светот по ова прашање.

Други компании се веќе заинтересирани за експлоатација на Марс.

Освен транспорт на луѓе и предмети, приватните компании се заинтересираат и за експлоатирање на рудите од астероиди и други небесни тела, како и за развивање на алтернативни извори на енергија.

Првата мисија на Moon Express треба да чини околу 25 милиони долари, што е претставува незначителна сума во споредба со 100 милијарди долари колку што чинеше програмата Аполо за слетување на месечината пред половина век.