Дождот ја прекина првата фестивалска вечер на „Македокс“ во МКЦ

Филмската програма на 11. Фестивал на креативен документарен филм „Македокс“ започна синоќа со проекции во Парк МКЦ и во Кинотеката на РСМ.

Во Парк МКЦ пак беше прикажан краткиот документарец „Премин“ на Отавио Алмеида, додека проекцијата на „Спиењето на Макс Рихтер“ на Натали Џонс беше прекината поради временските услови. Публиката беше подготвена да гледа филм и на дожд, но техниката едноставно не може да функционира во такви услови, велат од Македокс.

Фестивалот нема можности за реприза на филмовите, бидејќи годинава функционира без објектот Куршумли ан, и затоа филмот ќе може да се гледа он-лајн на платформата „Синесквер“, на која посетителите треба да се регистрираат и да креираат свој профил преку сајтот на „Македокс“.

Во летното кино на Кинотеката пак се одржаа проекцијата на краткиот документарен филм „Бинокл“ на Мила Жлутенко и долгометражниот документарец „Зборувај за да те видам“ на Маја Стојниќ.

Вториот фестивалски ден носи двојна програма, а ќе бидат прикажани вкупно осум, четири кратки и четири долгометражни, филмови на двете локации. Со филмот „Кога прашината ќе слегне“ на Џон Апел почнува програмата Земја во фокус – Холандија, во чии рамки ќе бидат прикажани уште шест филмови.

„Моите филмови ги градам врз основа на темелно истражување и интуиција. Дури истражувам, не барам само факти, туку ја барам и ранливоста на луѓето, тоа е таканареченото емотивно истражување“, вели режисерот и снимател Џон Апел, кој зад себе има повеќе од 40 документарни остварувања за кино и телевизија. Во 1999 година неговиот „Андре Хазес – таа верува во мене“ не само што го отвори Меѓународниот фестивал на документарни филмови во Амстердам (ИДФА), туку и се закити со наградата за најдобар долгометражен документарец, по што станува најгледаниот документарен филм во Холандија во последните шеесетина години.

На годинашниот „Македокс“ Џон Апел ќе одржи мастерклас на 22 август, од 11 до 13 часот, кој ќе се одвива он-лајн и ќе може да се проследи преку платформата „Зум“.

Фестивалот „Македокс“ е поддржан од програмата МЕДИА на Креативна Европа, Институт „Јунус Емре“, Амбасада на Кралството Холандија, Град Скопје, Амбасадата на Република Чешка во Софија. Пријатели фестивалот се Музеј на РСМ и Археолошкиот музеј.

Коорганизатори на 11. Македокс се МКЦ и Кинотека на РСМ. Партнери на „Македокс“ се „Петра Пан филм продукција“ и „Кино Култура“.

Проекциите и настаните на отворен простор се организираат согласно протоколите за заштита од коронавирусот ковид-19 и вклучуваат задолжително носење заштитна маска за време на целиот настан, мерење температура при влезот во фестивалските простори, одржување на растојание од 1,5-2 метри и дезинфекција на рацете пред и по одржувањето на проекциите.