„Доста е!“ – протест вечерва пред Влада и секој ден во 6

Со свирежи пред Влада, организирани преку социјалните мрежи, неколку десетици граѓани вечерва излегоа на протест за да побараат оставка од Владата и од министерот за здравство, Никола Тодоров. Откако викендов починаа девојче и родилка во гевгелиската болница поради, како што обвинија нивните семејства, пијани лекари и лекарски грешки, чашата утрово ја прелеа веста за смртта на бремена жена во скопскиот Клинички Центар.

„Убијци“, Доста беше молк“, „Оди си Никола“, но и „Тодоров Оставка“, извикуваа насобраните граѓани пред Влада.

„Народот во Македонија не може да посматра како се одржува ерозија на институциите во државата. Она што почна на 5 мај мора да продолжи бидејќи не сме задоволни. Ни се случува наместо луѓето да се лечат во здравствениот систем, тие умираат. Сакаме да кажеме дека ни е доста од ова“, изјави Гоце Марковски од левичарското движење „Солидарност“, кои преку Фејсбук повикаа да се излезе на протест под мотото „Доста е!“.

„Не се плашиме од власта, ништо не ни може. Дај да се собреме и да им кажеме да не прават компликации во државата. Утре да бидеме побројни , мора да не има секој ден во шест се повеќе. Оваа Влада заслужува многу луѓе да стојат пред неа пред да си замине“, повика пред присутните Ѓуро Кешкец.

Граѓаните прашуваа уште колку животи мора да се загубат пред надлежните да ја прифатат одговорноста и да си поднесат оставка. Демонстрантите најавија дека протестите ќе продолжат, а тие ќе доаѓаат пред владината зграда секој ден во 6 часот попладне, се додека оваа влада не си замине.