„Доста е, претеравте!“ – работници на протест во четврток

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) повика на мирен протест за работничките права, кој е најавен за четврток (15 април).

Тој ќе започне во 16 часот од булеварот „Гоце Делчев“, спроти МРТ, а ќе продолжи кон Собрание за да заврши пред Влада. Протестот ќе се одржи со автомобили за да се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот.

Од Конферацијата велат дека веќе подолг период се обидуваат да воспостават дијалог со претставници на министерствата и државните органи за решавање на проблемите со кои се соочуваат работниците, како и да укажат на почитување на законите и колективните договори кои како што велат, постојано се кршат. Според нив, истиот тек на прекршување на работничките и човековите права продолжил и за време на пандемијата.

„Како наши легитимни синдикални барања кои ги поставивме се следните: почитување на законите од областа на трудовото право, барање за неодложно постапување на институциите при прекршување на законите, да се запре притисокот врз синидикалното организирање и синдикалните лидери. Сите овие барања се во насока на подобрување на социо-економскиот статус на нашите членови и на сите работници. Ве повикуваме сите активно да се вклучите во овој протест, а со цел да се чуе гласот на работниците! Доста е, претеравте!“, стои во најавата за протестот.

На него ќе се приклучи и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура– СОНК, од каде велат дека ги поддржуваат барањата на КСС и сметаат дека заради немање слух на надлежните, мора да ги бараат своите права преку предупредувачки протест.

„Имено, повеќе од две години на нашата Конфедерација и е одземена законската можност да учествува во креирање на економската политика во државата, од причина што- некој така сака. Две години документите за репрезентативност на КСС седат во некоја фиока во Министерството за труд и социјална политика и се прави класична опструкција врз синдикалното делување на највисоко ниво. Штетата направена врз гранските синдикати, здружени во КСС е огромна и непроценлива. И како ова да не е доволно, па се посегна по раководството на синдикатот. Бројни се примерите на раскинување на договори за работа (бркање од работа) од страна на работодавачите врз синдикалните лидери на сите нивоа. Најпрво се отпочна со бркање од работа на претседателот на конфедерацијата, а потоа и на претседатели на грански синдикати при КСС, претседатели на синдикални организации, активни членови…… Дел од нив се деградирани со преместување од постоечките работни места на пониски работни места, за повеќе нивоа, други се преместени на работни места оддалечени и повеќе од 100 километри од местото на живеење, а некои пак деградирани со намалување на работни задачи итн“, велат од СОНК.

Тие ги повикуваат своите членови да излезат на закажаниот протест и со своето присуство да ја поддржат како што посочуваат, заедничката синдикална борба за остварување на своите права и подобро утре.