Досега необјавена музика на Дејвид Боуви ќе се најде во нова компилација

Второ издание – компилација од албуми на Дејвид Боуви, содржи и „изгубен албум“, кој е именуван  The Gouster. На него, вели продуцентот на Боуви, има „40 минути величествен фанк“.

Необјавениот албум на починатиот пејач ќе се најде во реизданието на бокс-сетот со повеќе негови албуми. Иако требало да биде објавен како посебен албум, дел од песните од албумот се нашле на Young Americans, а останатото останало необјавено, пишува NME.

Ова е прва официјално објавена информација за новото издание на компилацијата, која ќе се објави под името Who Can I Be Now?. Во неа ќе се најдат албумите и настапите во живо во периодот од 1974-1976 година.

Освен музика, во бокс-сетот ќе се најде и книга напишана од продуцентот на Боуви, Тони Висконти.