Донирај менструални производи за училиштата и добиј беџ – кампања на Новинари за човекови права

Новинари за човекови права започнуваат кампања за пристап до бесплатно менструално здравје во училиштата, во која граѓаните може да се приклучат донирајќи производи за менструална хигиена. Тие потоа ќе бидат поделени низ училишта за секоја девојка да добие бесплатен пакет со менструални производи. За возврат, оние што ќе се вклучат во иницијативата ќе добијат беџ.

„Лошата хигиена на менструалниот циклус предизвикана од недостаток на едукација за ова прашање, постојаните табуа и стигмата, ограничениот пристап до хигиенски производи за менструација и лошата санитарна инфраструктура ги поткопува образовните можности, здравјето и целокупниот социјален статус на жените и девојчињата ширум светот. Како резултат, милиони жени и девојки се спречуваат да го достигнат својот целосен потенцијал“, реагираат од здружението.

Тие ја најавија кампањата во пресрет на 28 мај, Денот на менструалната хигиена. Станува збор за глобална платформа за застапување која ги обединува гласовите и постапките на непрофитните организации, владини агенции, индивидуи, приватниот сектор и медиумите за промовирање на менструалното здравје и хигиена за сите жени и девојчиња .

Здружението бара:

субвенционирање на цената на производите за менструално здравје и намалување или укинување на ДДВто на менструалните производи

обезбедување на бесплатни пакети со менструални производи за девочињата вклучени во образовниот процес

компаниите во тоалетите покрај тоалетната хартија, во женските кабини, да имаат и менструални производи кои ќе им бидат оставени бесплатно на располагање на жените

Во моловите во женските тоалети да има бесплатен пристап до менструални производи

Во хотелските соби да бесплатен пристап до менструални производи

Нивната трошковна анализа за менструалните производи поажала дека во Северна Македонија жените се подготвени да одделуваат до 100 денари месечно за  управување со менструалното здравје. Ова според нив е незамисливо ако се има предвид дека цената на производите кои најмногу се користат и се најквалитетни чинат 150 денари, не вклучувајќи ја цената на лекови кои се консумираат тие денови, како и евентуалното отсуство од работа.

„Загрижува и податокот дека висок процент од 15% на 1200 анкетирани жени не се во можност да купат никаков хигиенски производ, па најчесто користат весници, хартија или текстил за одржување на здравјето. Податоците покажуваат дека бројката на инфекции кај жените е зголемено за рекордни 70%, а цената на гинеколошки прегледи се движат од 800 до 8000 денари во зависност од тежината на инфекцијата. Лечењето, кое најчесто е со лекови кои не се на позитивната листа е над 7000 денари. Загрижува и податокот од  компаниите кои продаваат менструални производи, а кој вели дека за време на ковид кризата за 11% е намалена продажбата на производи за менструално здравје“, велат од Новинари за човекови права.

Од Новинари за човекови права најавуваат дека годинава ќе се фокусираат на искоренување на менструалната сиромаштија преку иницијативи за намалување на стапката на ДДВ и доделување на бесплатни пакети за менструална хигиена за сите девојчиња вклучени во редовниот образовен процес.