Донеси што не ти треба, земи тоа што го сакаш – размена на облека и уреди во Битола

Пролетта е веќе на пат, а заедно со неа доаѓа и промената на облеката во плакарите. Време е да се „исчистат” домовите од предмети кои веќе не се користат.

Поради ова, битолската организација СФЕРА Македонија по вторпат организира размена на носена, но сочувана облека, како и половни, но се уште употребливи уреди.

Размената ќе се случи во Порта Џез во Битола, на 19 март со почеток во 12 часот.

„Концептот на размена е едноставен – да се ослободите од непотребни предмети во домот, да ги пронајдете оние што ги сакате и да не трошите ниту еден денар. Сите ние имаме одредени ставки дома што веќе не ги користиме. Ако објектот е во добра состојба, нема потреба да завршува во кантата за отпадоци“, се вели во најавата за настанот.

На размената ќе може да се најдат уникатни предмети од книги, облека, па до електроника.