Донеси што не ти треба, земи си што ти треба – разменотека во Градски парк

Во недела (18-ти јуни) во Градскиот парк во Скопје ќе се одржи разменотека, односно бесплатна размена на предмети и услуги, во организација на невладината организација „Кален“. Граѓаните ќе имаат можност да заменат работи кои веќе не им требаат, со работи од кои имаат потреба.

Покрај материјални работи, може да се заменат и совети, рецепти, песни, идеи.

„Донесете и билки, семиња, уметнички дела, облеки, ѕирнете кај капите и ракавиците, во кујна, можеби имате вишок празни или полни тегли, стара правосмукалка, штоф за шиење, цреши од двор, играчки, скии, лакови за нокти, очила, книги, плочи….Донесете си и јаженца, штипки, закачалки, ќебенца за поубаво да си ги наредите, поубаво да ви се видат, и полесно да си ги размените работите што сте си ги донеле. Принципот на размена определете си го вие: земи и со здравје да си го носиш или дај ми да ти дадам. Без пари и без карање“, стои во поканата за настанот.

Се што ќе остане од разменотеката, ќе биде донирано во хуманитарни цели. Заинтересираните хуманитарни организации треба да се пријават за на крај да ги подигнат останатите работи.

Точната локација за настанот е новиот павиљон во стариот дел од паркот, на патот од Школка кон Зоолошка градина, лево од патеката. Разменотеката ќе трае од 16:30 до 19 часот.