„Домот е наш 2“ – Работилница за заживување на дворот на Студентскиот дом „Гоце Делчев“

На 21-ви септември, во мензата на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје ќе се одржи работилница наречена „Домот е наш 2“. Работилницата ќе биде во форма на кратки дискусии и вежби помеѓу студентите сместени во домот и студенти од градот Скопје. Целта на оваа работилница е да се начне прашањето за реанимација на дворот на студентскиот дом.

Ораганизатори се здружението МЕЛЕЕМ Скопје, кои велат дека целта на проектот е да се направи „brainstorming“ на идеи кои студентите би сакале да ги видат реализирани, но и да се поттикне иницијатива кај нив за активно вклучување во понудата на програма за истиот простор.

„Иако отворениот простор околу студентскиот дом е многу важен како за станарите на домот, така и за сите жители на општина Карпош и на Скопје, тој е запоставен и се наоѓа во незавидни услови. Реанимација на овој двор не би значело само обновување и подобрување на физичките услови на овој отворен простор, туку и заживување и внесување на програма која што би го направила овој простор атрактивен за сите млади луѓе“, велат од МЕЛЕЕМ.

Работилницата ќе биде водена од 5 млади тутори и активни граѓани во Скопје со различна професионална позадина. Тутори се : Стефан Момиќ, Ивана Балабанова, Милош Б. Андоновски, Раде Кекеновски и Кристијан Калинов.

Првиот настан „Домот е наш“ се случи во 2013-та година, кога МЕЛЕЕМ организираше предавање на архитектот на комплексот, Георги Константиновски, во платото на домот.