Домородно племе во Бразил создаде видео игра за зачувување на неговата култура

Домородното племе Каксинава се соочува со постепеното исчезнување на неговата култура, со сѐ поголемото влијание на технологијата во модерниот свет. Но, решиле да употребат невообичаен медиум за да ја постигнат оваа цел – видео игра.

Во соработка со антрополози и програмери, луѓето од племето Каксинава ја создале играта Huni Kuin: The Way of the Snake, врз основа на нивната култура и традиции. Huni Kuin, фраза која овие домородци ја користат за да се опишат себеси, на нивниот јазик значи „вистински луѓе“.

Гиљерме Менесес, антрополог од Универзитетот на Сао Паоло, бил еден од главните креатори на играта, во која се раскажани митовите, приказните и ритуалите на племето преку самиот развој на играта.

Менесес за Agencia Brasil вели дека ја создал играта „за да порекне некои од погрешните верувања и предрасуди кои луѓето ги имаат за домородните заедници, со надеж дека играта ќе помогне да има повеќе јавно достапни информации за домородните луѓе и историја“, пренесува Mashable.

Главни ликови во играта се двајца близнаци од племето, ловец и занаетчија, на кои змија им дава посебни моќи. Треба да ги употребат своите вештини за да ги исполнат предизвиците поврзани со животни, растенија и духови на шумата – три ентитети од голема важност за племето.

Нарацијата на играта е на јазикот на племето Каксинава, а има и превод. За финалниот продукт биле потребни шест месеци истражување и три години развој на играта.

Во 2010 година, околу 7500 луѓе од племето Каксинава живеле во Бразил, а 2400 во Перу. Според организацијата за заштита на домородните народи Survival International, има вкупно 240 племиња кои живеат во Бразил денес, сочинувајќи вкупно 900000 луѓе.

Huni Kuin ќе биде достапна за бесплатно преземање од април, според веб страницата на играта.