„Докувизија“ започнува со симултана проекција на филмот „Зависници од интернет“

Со симултаната проекција на израелско-американскиот филм „Зависник од интернет“ во пет балкански градови, на 21 април (вторник) започнува „Докувизија“, партнерски проект на Балканската документарна дистрибутивна мрежа (БДДМ) во која членува и „МакеДокс“.

Скопската проекцијата е закажана во Џебното кино во МКЦ во 20.00 часот, а во исто време ќе се одржат проекции и во Призрен, Белград, Загреб и Подгорица.

Секој месец еден од овие градови ќе биде домаќин на авторите на прикажаниот филм или на експерти за конкретната филмска проблематика, и ќе организира дискусии со публиката. Притоа, дискусиите ќе бидат пренесувани во живо со што ќе ѝ се овозможи учество на публиката од сите шест градови.
Темата на првата дискусија во рамки на „Докувизија“ е зависноста од интернетот, а град-домаќин е Подгорица.

По проекцијата симултано ќе се пренесува дискусијата со социологот Анита Ќудина од Сплит, инаку авторка на истражувачки проект за зависноста на децата од Интернетот и Радоје Церовиќ од Подгорица, психолог и комуниколог.

Во синопсисот на филмот се вели дека Кина е првата земја во светот која ја прогласи „зависноста од интернет“ за клиничко нарушување. Со цел да се справат со она што наликува на најголемата општествена криза на денешницата, кинеските власти отвораат установи за детоксикација и лекување на зависноста на тинејџерите од водењето на живот онлајн. Преку неконвенционалните психолошки сесии, каде што момчињата постепено споделуваат зошто се чувствуваат поповрзани со разните гласови во сајбер-просторот отколку со семејството, филмот нуди искрен, промислен и непријатен портрет на општество во движење и на младина изгубена во технологијата, на работ на бездната отаде непознатата иднина. Филмот ни го прикажува современиот кинески живот во мало, посматрајќи ги меѓугенерацискиот притисок и симптомите на таканареченото „доба на интернетот“.

„Докувизија“ е поддржан од Фондот за уметност и култура за Балканот (Balkans Arts & Culture Fund).