„Докувизија“: проекција на „Не оставај ме“ во џебното кино на МКЦ

Во среда (14 октомври) во џебното кино на Младинскиот културен центар, во 20 часот, ќе се одржи уште една кино-средба во рамките на „Докувизија“. Овој пат домаќин на проекцијата е Интернационалниот фестивал за краток и документарен филм „Докуфест“ од Призрен, во соработка со Интернационалниот фестивал за креативни документарни филмови „МакеДокс“.

Филмската приказна ќе биде паралелно прикажана во Подгорица, Загреб, Белград и Мост на Сочи, а по проекцијата, ќе има и отворена дискусија со гостите во Призрен и публиката од останатите градови.

Филмот „Не оставај ме“, во режија на Сабин Луб Бакер и Нилс ван Коеворден претставува холандско-белгиска соработка и е приказна за двајца пријатели, нивната борба со алкохолот и шумата.

„Докувизија“ е партнерски проект на Балканската документарна дистрибутивна мрежа (БДДМ) во која покрај „МакеДокс“, членуваат и Dokufest, Underhill Fest, Baš Volim Dokumentarce, Slobodna Zona / Free Zone Film Festival, Petra PAN FILM Production и Demiurg distribucija . Поддржан е од Фондот за уметност и култура за Балканот (Balkans Arts & Culture Fund (BAC)) .