„Документите од Панама“ открија скапоцена слика на Модиљани

Слика на прочуениот италијански сликар Амедео Модиљани, вредна 25 милиони долари, која нацистите ја одзеле од еврејските сопственици за време на Втората светска војна, е запленета во Женева, благодарејќи на информации од ткн. „документи од Панама“, јавуваат швајцарските медиуми.

Како што се наведува, сликата сега била во сопственост на либанското семејство Нахмад, кое е еден од клучните светски играчи на пазарот на скапоцени уметнички дела. Швајцарското јавно обвинителство на 8 април издало налог за претрес на добро чуваното депо на Нахмад во женевската бесцаринска зона, каде, меѓу многубројните уметнички дела, е најдено платното „Маж што седи со стап“ на италијанскиот сликар со еврејско потекло. Сликата последен пат била изложена во 2005 година, во галеријата на семејството Нахмад.

Пред нацистите да дојдат на власт, сликата му припаѓала на семејството на еврејскиот трговец со уметнички дела Оскар Штетинер. Бегајќи од прогон, тој ја оставил во Париз во 1940 година, а по една година, нацистите ја понудиле на аукција.

Во 2011 година, една канадска компанија, во име на внукот на Штетинер, безуспешно се обидела да дојде до сликата преку американскиот суд. Тогаш е откриено дека сопственик на платното е офшор-компанијата „Интернешнал арт сентер“, која ја контролира семејството Нахмад.