Документите од Панама – откриени даночните раеви на руската и исландската елита

Огромниот проток на доверливи документи објавен во германски Цајтунг откри како богатите и моќните користат даночни раеви за да го сокријат своето богатство.

Единаесет милиони документи протекоа од една од најтајните компании на светот, панамската адвокатска фирма Mossack Fonseca.

Податоците покажуваат како компанијата им помагала на своите клиенти да перат пари и да одбегнуваат плаќање на санкции и даноци.

Компанијата работи веќе 40 години и досега не била обвинета за криминални дела.

Документите покажуваат врски со 72 актуелни или поранешни државни лидери, меѓу кои исландскиот премиер Сигмундур Гунлаугсон, кој сега се соочува со барања за негова оставка. Откриваат и организирано перење на пари во рускиот врв. Се споменуваат суми од милијарди долари, а вклучени се блиски соработници на Владимир Путин.

Документите појаснуваат и како Mossack Fonseca им помагала на клиентите да го сокријат богатството. На една богата клиентка, американската милионерка и животен тренер Маријана Олжевски, ѝ биле понудени лажни документи за сопственост за да може да сокрие пари од властите. Ова е директно нарушување на интернационалните регулативи смислени да спречат перење на пари и даночна евазија.

Руски врски

Документите откриваат и организирано перење пари на милијарди, водено од руска банка и блиски соработници на Владимир Путин.

Операцијата била водена од Банката на Русија, која е санкционирана од САД и ЕУ после анексирањето на Крим.

Парите биле канализирани преку офшор компании, од кои две се официјално сопственост на еден од најблиските пријатели на рускиот претседател, челистот Сергеј Ролдугин.

Ролдугин е пријател на Путин откога биле тинејџери и е кум на неговата ќерка Марија.

Според документите, Ролдугин заработил стотици милиони долари од профити од сомнителни зделки. Но, официјалните документи на неговите компании тврдат дека „компанијата е корпорација формирана пред сѐ да го заштити идентитетот и доверливоста на најголемиот сопственик на компанијата“.

Исландски врски

Панамските документи покажуваат и дека исландскиот премиер Сигмундур Гунлаугсон имал акции во пропаднатите банки на државата.

Тој е обвинет за сокривање на инвестиции вредни милиони долари во државните банки, зад тајна офшор компанија.

Протечените документи покажуваат дека Гунлаугсон и неговата сопруга ја купиле офшор компанијата Wintris во 2007.

Тој не пријавил дека е сопственик на компанијата кога станал премиер во 2009 година. Осум месеци подоцна, продал 50 проценти од акциите во Wintris на неговата сопруга, за цена од еден долар.

Од Mossack Fonseca вели дека офшор компаниите се достапни насекаде во светот и се користат за разни легитимни цели.

„Ако детектираме сомнителни активности и неправилно водење, брзо го пријавуваме тоа на властите“, велат од фирмата. „Слично, кога властите ќе ни пристапат со докази за можни несоодветни дејства, секогаш целосно соработуваме со нив“.

Извор: ВВС