„Документите од Панама“ од денеска ќе бидат јавно достапни

Меѓународниот конзорциум на истражувачките новинари денеска ќе активира база со податоци за повеќе од 200 илјади офшор компании, кои се дел од истрагата на досиејата од Панама. Податоците ќе бидат достапни на https://offshoreleaks.icij.org, во 14 часот по временската зона за источните држави во САД (20 часот по македонско време), се вели во соопштението на организацијата, со седиште во Вашингтон.

Во соопштението, ткн. „John Doe“, односно изворот кој стои зад најголемиот проток на информации, наведува дека е потребна поголема заштита за „свиркачите“ и најави нови откритија. Со наслов „Револуцијата ќе се дигитализира“, соопштението од 1800 зборови дава објаснување за протокот на информации, велејќи дека „нееднаквоста во приходите е едно од основните прашања на нашето време“ и вели дека државните органи треба да направат повеќе за да се справат со тоа.

Овој историски проток на информации веќе доведе до оставки, вклучително и премиерот на Исланд и на шпански министер, и активира официјални истраги во различни земји. Беше извршен притисок врз светските лидери и други политичари, на пример премиерот на Велика Британија Дејвид Камерон, за да ги објасни своите врски со офшор компании.

Податоците доаѓаат од адвокатската канцеларија „Мосак Фонсека“, еден од најдобрите офшор играчи во светот, вклучувајќи информации за компании, фондови, фондации итн, вклучени во 21 даночно засолништа, од Хонгконг, до Невада во САД. Досиејата се поврзани со луѓе во повеќе од 200 земји и територии.

Корисниците ќе можат да ги истражуваат и визуелизираат мрежите на околу илјадници офшор субјекти, вклучувајќи кога е достапна внатрешната документација за вистинските сопственици од „Мосак Фонсека“. Интерактивната база на податоци ќе вклучува исто така информации за повеќе од 100 илјади дополнителни компании кои беа дел од истрагата во 2013 година.

Според конзорциумот, со отворањето на досиејата внимателно се ослободуваат основни корпоративни информации. Нема да се достапни лични податоци од типот на банкарски сметки и финансиски трансакции, пораки и кореспонденција, пасоши и телефонски броеви. Избрана е ограничената информација која е во интерес на општеството, истакнуваат истражувачите.