Документарниот филм „Арефи, овчарот“ добитник на гран при на ФАДФ „Камера 300“

Победник на 23. Интернационален фестивал на аматерскиот документарен филм (ФАДФ) „Камера 300“ и освојувач на наградата Гран при – „Плакета Милтон Манаки“ е документарниот филм „Арефи, овчарот“ чиј автор е Даниел Асад Фаези од Германија.

Годинава на фестивалот се натпреваруваа 52 филмови од 11 држави во Европа, а проекција на најдобрите ќе биде приредена вечер во малата сала на битолскиот Центар за култура.

Словенечкиот филм „Мозаик“ ја доби златната „Камера 300“, документарецот на Валентина Илиевска „Марков бунар“ освои сребрена, а бронзената „Камера 300“ му припадна на Јован Наумовски за филмот „Умина душа“.

Со одлука на фестивалското жири наградени се Петар Узуновски кој доби златен медал на УНИКА за филмот „Киното на терзијата Јонче Карамитре“, плакета за режија „Драги Савевски“ доби бугарскиот автор Владимир Илиев за филмот „Страст покрај Дунав“, плакета за репортажа доби Љупчо Петровски за филмот „За денот“, авторот на документарецот „Вујче“, Перо Кованцлиев доби плакета за идеја, а плакета за монтажа годинава е доделена на Соња Штегер од Австрија за филмот „Добро утро Кашмир“.

ФАДФ „Камера 300“ со специјални награди-диплома ги одликува и авторите Ивануша Тинчек од Словенија за филмот „Одмазда“, Фрија Андерсон од Шведска за филмот „Приказни од војната“ и Спиро Борисов од Бугарија за документарецот „Спиро лотиер“.

ФАДФ „Камера 300“ се одржува со поддршка на Агенцијата за филм на Република Македонија и општина Битола која додели посебна награда за најдобра камера, а таа им припадна на Горан Поповски и Анастасија Бошкоска, автори на документарниот филм „Ковач“.