Документарна филмска вечер „ДокУСтруга”

Младите од Струга во саботата, во фоајето на Домот на културата имаа можност да ја проследат документарната филмска вечер насловена „ДокУСтруга” како дел од програмата за работа на Медиа/Арт клубот од овој град.

Првиот дел од настанот се состоеше од проекција на четири документарни филмови направени од членовите на клубот, а координаторот Александар Тодоровски даде краток осврт на кративниот процес на создавање на филмовите и истакна дека е важно учеството на младите во општествените процеси.

Во текот на вечерта дел од членовите на клубот ја раскажаа приказната зад секој од документарните филмови кои ги подготвија на темите „Дехидратација на талентот“, „Спортот во расчекор“,„ Млади во(н) Македонија“ и „Paint the wall- уличната уметност“.

Во вториот дел од настанот се отвори дискусијата со присутните гости каде што имаа можност заедно со младите стружани да дискутираат за филмовите и темите кои ги обработуваат.

Целта на настанот беше преку промовирање на производите на Медиа/Арт клубот од модулот „Документарен филм“, присутните да се потсетат на проблемите со кои се соочуваат младите во Струга и да се актуелизира документарниот филм како начин на изразување.

На настанот присуствуваа околу 60 граѓани од Струга, учесници во процесот на подготвка на документарните филмови и невладини организации.

Документарната филмска вечер „ДокУСтруга” е дел од програмата за работа на Медиа/Арт клубот Струга за 2014/2015 година како финален производ од првиот модул Документарен филм низ кој преку процес на едукација поминаа младите медиа/арт членови од Струга во периодот ноември-декември 2014 година.