Документаристот Опенхајмер одржа предавање во Загреб

„Да се измери диоптријата на диктатурата, метафорички и буквално“ е пораката на двата филма на американскиот документарист Џошуа Опнхајмер кој вчера во Загреб одржа предавање во рамки на осмиот Subversive Festival и каде му беше доделена наградата „Wild dreamer “. По гостувањата во Загреб и Белград, Опенхајмер заминува во Љубљана.

Опенхајмер зборуваше за двата негови документарци „Чинот на убиство“ (2013) и „Погледот на тишината“ (2014) каде го истражува геноцидот во Индонезија во 1965-1966 година од страна на воената хунта кога се убиени половина милион луѓе.

„Чинот на убиство“ освои вкупно 72 награди на фестивалите низ светот, како и БАФТА за најдобар документарен филм и номинација за Оскар.

„Ова се филмови за нашето време, за оригиналниот грев во политичкиот поредок на Индонезија и за стравот на луѓето кој им е секојдневие во минатите педесет години“, вели Опенхајмер. Што се однесува за приемот на неговите филмови во Индонезија каде постои цензорска комисија Опенхајмер вели дека постоела голема опасност од напади за време на проекциите и дека сега не би можел да се врати во Индонезија.

По проекциите низ земјата „Чинот на убиство“ е поставен онлајн и до денес само во Индонезија е симнат над три милиони пати. „Погледот на тишината“, пак, премиерно е прикажан во најголемата кино-сала во Џакарта, но по притисокот на војската врз цензорите денес е забранет за јавни прикажувања.

„Она што е важно дека моите филмови ја направијата трансформацијата на медиумите во однос на известувањето за геноцидот, односно геноцидот започна да се именува со своето вистинско име. Но, уште поважно е дека филмовите ја истакнуваат улогата на младите во процесот на помирување, што е најзначајно во годинава кога се одбележуваат 50 години од почетокот на најмрачниот период на индонезиската историја“, завршува Опенхајмер.

Опенхајмер е роден 1974 година во Тексас и повеќе од десет години работи со паравојските, нивните одреди на смртта и нивните жртви, истражувајќи го односот меѓу политичкото насилство и колективните трауми. Дипломира на Харвард и на Сент Мартин во Лондон, а работел и како виш истражувач на проектот „Геноцид и жанр“ на Британскиот совет за уметност и хуманистички науки. Инаку е ученик на Душан Макавеев, еден од најистакнатите режисери на југословенскиот Црн бран од шеесеттите и седумдесеттите години