Документарен филм за поетот Радован Павловски во ДПМ

Во Друштвото на писателите на Македонија во петок (26 февруари) во 12 часот ќе биде промовиран документарен филм – портрет на големиот македонски поет, академик Радован Павловски.

Филмот со наслов „Од Река до вечноста“ е во продукција на Културно-уметничката програма на Македонската телевизија. Проектот е работен по сценарио на Лидија Мешкова, а во режија на Љупчо Стојановски.

На промоцијата на филмот во ДПМ ќе зборува д-р Иван Џепароски, а на присутните ќе им се обрати и поетот Радован Павловски. Програмата ќе ја води Александра Велинова.

Богатиот опус на Радован Павловски, во кој влегуваат и култните книги „Суша, свадба и селидби“, „Корабија“, „Високо пладне“, „Зрна“, „Молњи“ и „Клучеви“, остави силен печат во развојните процеси на современата македонска литература. За естетските дострели во својата поезија Павловски е носител на високи книжевни признанија во земјата и во светот. Автор е на поетските манифести „Епското на гласање“ (1960) и „Манифест на Поетска Република Железна Река“.

Неодамна Друштвото на писателите на Македонија ја одбележа 80- годишнината од раѓањето на Радован Павловски.