Докторот од Лампедуза кој пречекал 250.000 мигранти

Секоја недела, стотици луѓе во потрага по азил во Европа пристигнуваат на италијанскиот остров Лампедуза, многу од нив болни или повредени. Главниот доктор на островот Пјетро Бартоло, никогаш не пропушта ниту една група која стига и тоа се одразува и на неговото здравје.

Новинарката на ББЦ на островот наишла на четиригодишно девојче од Мали, кое таму пристигнало со брод пред само два часа, а веќе научило два збора на италијански. „Чао“ и „Пјетро“.

60 годишниот Пјетро Бартоло тоа утро и покрај високата температура, дошол на работа бидејќи морал да ги пречека трите брода наполнети со нови мигранти. На некои од нив им е потребна итна медицинска помош.

„Како е можно да се навикнеш на човечко страдање? Само што го видовте ова малечко девојче…“, вели тој.

Најголемиот дел од децата кои ги лекувал имале ужасни изгореници од бензин или хемикалии на малите бродови. Но најмногу страдаат жените, вели тој. Скоро сите од нив пристигаат силувани. Дури и малите девојчиња од 12 и 13 години – нивната психолошка траума, опишува, е многу голема.

„Сите од нив пристигаа бремени. Но, не повеќе. Не затоа што не се повеќе силувани туку бидејќи оние кои ги транспортираат им даваат инјекции кои ја запираат нивната овулација, ми раскажуваат. Немаме идеја која доза или каков лек им е даден“, сведочи докторот.

brod-migranti

Брод полн со мигранти пристига на Лампедуза Фото: ББЦ

Доктор Бартоло е посветен католик – во неговата канцеларија има слика од негова средба со Папата, но тешко му е да ја зачува неговата верба во човештвото.

„Ова е човечко злосторство, ова е монструозност. Ние го направивме ова“, извикува удирајќи по бирото. „Знам дека е тешко да се запрат војните, да се преселат мигрантите, да се интегрираат. Но приоритетот мора да биде да се спасат животите и да се спречи целото ова давење во морето. Разговорот може да дојде подоцна“, мисли Бартоло.

Покрај тоа што неговата задача е пружање помош на преживеаните, Бартоло истовремено мора да ги отвора вреќите со мртви тела и да врши аутопсија. Објаснува дека често телата се распаднати и повеќе не е возможно да се фотографираат или да им се земат отпечатоци од прстите. Во тие случаи форензичарите бараат примерок од ткивото за датабазата на ДНК.

„Тоа значи дека морам да отсечам прст, уво, да искршам ребро. Толку е брутално“, објаснува докторот со споени раце како да моли за прошка.

И покрај тоа што во неговата 20-годишна кариера пречекал преку 250 илјади мигранти, сè уште го погодуваат нивните судбини.

„Не сум робот. Јас сум човек со обични чувства и емоции“, истакнува доктор Бартоло.